Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Јашари со историско „century“ ја завери титулата

Објавено

на

Кумановченцот Берат Јашари ја имаше обезбедено титулата во „Алфа Плам националното првенство“ во снукер уште пред одигрување на последниот петти турнир, но растоварен од резултатскиот притисок успеа да испише историја како играч што прв во Македонија на меч изиграл „брејк“ со преку 100 поени во низа, популарно наречен „century“.

Овој момент му даде печат на целиот настан и направи ерупција од емоции не само кај Берат туку и на сите присутни во салата и кај челниците на федерацијата.

Последниот петти турнир се одигра во снукер арената на „Гран Клуб“ во Скопје, при што натпреварите во групи беа карактеризирани со „очекувани“ резултатски исходи, со што беа дефинирани четврфиналните двојки. Единствено се издвојуваше групата Д која изгледаше доста изедначена во квалитет, но сепак Ставриќ и Колоски беа играчите кои продолжија понатаму, пред Јанев и Лукревски. За одбележување беше резултатот од 50 поени на охриѓанецот Колоски, таканаречен „half-century“, прв за него на официјален меч.

Потоа, во полуфиналето следуваше сензацијата: Јашари се сретна со Хусамедин Бајрами и делуваше на моменти несигурен и деконцентриран, но со развојот на мечот влегуваше во форма за на почетокот во третиот фрејм да го одигра и фантастичниот „брејк“ од 111 поени. Овој резултат кој е одлика на најдобрите меѓу најдобрите, ќе биде запишан во историјата на снукерот во Македонија и ќе претставува нов репер, нов поттик за понатамошни успеси, како од самиот Јашари, така и за другите членови на оваа заедница која континуирано расте и фаќа приклучок со европската елита.

Петар Панов во второто полуфинале го оправда епитетот на фаворит против мотивираниот Горан Ѓурчиновски, кој веќе втор турнир во низа им ги „расипува“ сметките на фаворитите со квалитетна и стабилна игра, но неговиот противник овој пат ги минимизираше сопствените грешки и не дозволи повторно да го испушти финалето со Јашари како на претходниот турнир. Инаку Ѓурчиновски во четвртфиналниот меч направи нешто што, исто така ретко се гледа: беше на чекор до загубен дуел (неговиот проивник Александар Ставриќ водеше со 1:0), кога во вториот последен фрејм се укажа шанса, за што му требаа поени од најмалку 3 снукер фаули. Ѓурчиновски решително почна да поентира и успеа да направи фантастичен снукер на сината, што му донесе т.н. „free ball“, по што до крај ја исчисти маста, го изедначи резултатот и влезе самоуверено во одлучувачкиот фрејм, по што победи за влез во полуфинале.

Финалето поради фактот што Јашари и Панов ги имаат првите две позиции во генералниот пласман се играше за престиж, па во духот на прекрасната атмосфера зачната со историското „century“ од претходниот полуфинален меч, донесе надигрување за општо задоволство на публиката. Кавадарчанецот Панов поведе со освојување на првиот фрејм, за потоа Јашари ги освои следните два фрејма. И во четвртиот кога повторно видовме сензација од Берат со 50 поени во низа, Панов изигра неколку феноменалени брејкови и најави одлучувачки фрејм, како за печат на овој турнир и на целата снукер сезона. Немаше да биде незаслужено и Панов да триумфира, но сепак како круна за историскиот „century“, Јашари успеа да победи со 3:2 и да го подигне пехарот за најуспешен на овој Петти турнир од „Алфа Плам националното првенство“.

Конечниот пласман за 2022 година беше битен поради фактот дека идната сезона првите четири ќе одат на Европско првенство во Малта. Тоа се Берат Јашари, Петар Панов, Владо Матоски и Александар Ставриќ, а Дејан Сипковски кој ја дели четвртата позиција ќе настапи на турнирот за сениори. Првата осумка е заокружена со имињата на Горан Ѓурчиновски, Хусамедин Бајрами и Петар Колоски.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни