Јаневски: Мора добро да се подготвиме за да ја оствариме нашата цел

cede janevski

Екипата на Вардар денеска ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во кој амбициите се да се нападне титулата во Купот и секако да се одбрани пехарот во шампионатот.

Меѓутоа тоа воопшто нема да биде лесно, ама не е и невозможно со тоа што првата задача е квалитетно да се одработат зимските подготовки во Скопје и Анталија.

– Нашата цел е и во оваа 2018 година повторно да освоиме трофеј. За да го направиме тоа треба многу добро да се подготвиме, затоа што пролетниот дел го почнуваме со негатива од осум бодови, меѓутоа пред нас се уште 18 натпревари. Затоа е важно подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната, -истакна тренерот Чедомир Јаневски кој даде свое мислење за трите нови имиња Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски.

– Добивме нови, млади играчи. Приликите се такви, и мора во иднина младите таленти низ цела Македонија да доаѓаат во Вардар. Јас сум убеден дека секоја шанса која што ќе ни се пружи за ангажман на такви фудбалери, ќе треба да ја користиме. Се одлучивме на таков чекор затоа што тие играчи кои ги ангажиравме во натпреварите против нас покажаа квалитет, и во договор со раководството и со некои луѓе кои што подолго време ги следат нивните настапи, се одлучивме да ги ангажираме. Сигурно дека покрај нивната младост, тие се и искусни играчи затоа што имаат по 50 прволигашки настапи во изминатите 2-3 години, што е бројка за почит, и јас очекувам со нивната работа да се наметнат и да бидат идни стандарни првотимци на Вардар. Тука сигурно ќе вклучиме и играчи од нашиот младински погон. Веќе неколку пати неколкумина фудбалери од нашата младинска школа тренираа со првиот тим, и сигурно дека ќе сметаме и на фудбалери од нашата Академија, -истакна Чеде.

 

Facebook Коментари