Поврзете се со нас

Шах

Ивица Бркиќ: Хрватска е туристички хит, но полека станува и шаховски хит!

Објавено

на

За „Дерби“ од Загреб,
Александар Табаковски

Во Загреб се одржува Европското првенство за аматери во шах, натпреварување на кое акцентот е ставен на играчите со рејтинг до 2.300 поени, односно на него настапуваат играчи кои немаат освоени ФИДЕ титули или во минатата година биле под границата од 2.300 рејтинг поени.

Ова првенство е прво од повеќето на Балканот, бидејќи догодина Србија ќе ја има честа да биде домаќин на Европското индивидуално првенство, а потоа следуваат уште настани во Хрватска. Дел од нив беа неодамна добиени на заседанието на Европската шаховска унија во Солун, а дојдоа откако на чело на хрватскиот сојуз е избран Ивица Бркиќ. Тој е има титула „Мајсторски кандидат“, а потекнува од Каштел покрај Сплит и го презема раководењето со сојузот на крајот од 2021 година.

Работите тргнаа на подобро откако случајот доби правна разрешница и Бркиќ беше потврден како победник на изборите, кои претходно беа оспорени поради едно неважечко гласачко ливче.

Со тоа е надмината поделеноста која владееше меѓу клубовите по прашање на тоа кој треба да биде новиот предводник. Во пресрет на ова интервју ја посетив официјалната страница на сојузот и бев вџашен од нивото на транспарентост кое демонстрирано со објава на сите одлуки, записници, расписи и други документи, што навистина сметам дека треба да биде пример за секоја друга спортска федерација. За споредба, веб страната на македонската шаховска федерација, во моментот на објава на ова интервју, од за нас непознати причини не е достапна.

ДЕРБИ: Ви честитам за неодамнешниот избор. Искрено, мене ми е чудно дека имавте повеќе кандидати за претседател, ретко се случува да има повеќе заинтересирани да се нафатат за работа и да и помогнат на шаховската федерација…
– Да, јас сум новиот претседател на Хрватскиот шаховски сојуз. Имаше жалба, но тоа се реши. Во таков тип на правни постапки, странките имаат право на жалба. Јас дојдов во сојузот за да помогнам. Откако сум тука, успеав да обезбедам силен спонзор за федерацијата, тоа е компанијата ХЕП (национална енергетска компанија – електростопанство). Сојузот веќе речиси и да нема никакви долгови. Чисти сметки, долга љубов. Имам планови за иднината и се надевам дека веќе за шест месеци ќе бидеме пример за другите шаховски сојузи во регионот.

ДЕРБИ: Вие сте организатори на Европското првенство за аматери кое оваа година се игра во Загреб. За разлика од другите европски првенства, тука нема пракса шампионите од националните првенства да бидат упатени на едно вакво натпреварување со цел да му се подигне рангот?
– Вистина е дека нема таква пракса за сега, но би рекол дека тоа се очекува! Ние имаме инзворедна соработка со Европската шаховска унија, нашиот генерален секретар стана потпретседател на ЕКУ со четиригодишен мандат. Таа одлична соработка се огледува низ фактот дека добивме две големи манифестации за организација во следниот период, а тоа се (повторно) Европско аматерско првенство во Загреб 2024 година и Европско првенство за ветерани во Пореч 2025 година. Имаме капацитети, имаме хотели, ги имаме сите услови да ги организираме, знаете дека Хрватска е туристички хит, но полека станува и шаховски хит. Имаме многу шаховски настани, на пример во Пореч се игра првата лига на Хрватска, заедно со Прва Б лига и прва женска лига…

ДЕРБИ: Од постарите шахисти слушнав дека порано имало многу силни турнири во Хрватска, како на пример оној во Пула, каде што имало богат награден фонд со кој победникот би можел да си купи нов автомобил. Денеска има повеќе турнири, но наградите се помали. Што прави Хрватската федерација за да им овозможи подобри услови на играчите во денешни услови?
– Ние воспоставивме систем во кој определивме четири „опен“ турнири да бидат квалификациски за поединечното Затворено државно првенство, на кое играат 12 најдобри играчи од земјата. Тоа се турнирите во Загреб, Пула, Сплит и последниот е „Опен Шолта“. Секој од нив има награден фонд од преку 10.000 евра. Има и други турнири кои се големи, а не се дел од оваа група, како што е тоа Бошњаци, Рабац, Хвар. Сепак, не можат сите да бидат квалификациски. Ги избравме оние што се финанссиски најдобро „потковани“, и каде што очекуваме дека има најголеми шанси за настап на велемајсторите, интер мајсторите и мајсторите за да обезбедат пласман во подинечното првенство. Сојузот им дава финансиска поддршка на овие турнири за да бидат уште посилни, да би привлекле поголем број играчи.

ДЕРБИ: Дали сте изненадени од ре-изборот на Дворкович за претседател на ФИДЕ?
– Не! Дури би рекол и дека тоа беше очекувано! Тоа е светски избор, имаше околу 125 земји вклучени во гласањето, а од Европа беа – ако не се лажам – 47. Затоа велам, мнозинството гласови беа надвор од Европа и некако победата беше очекувана. Не знам дали може да се утврди кој за кого гласал, но треба да се држиме до демократските начела и да ја почитуваме одлуката на мнозинството. Кој освоил повеќе гласови, тој победува. Ние во моментов не очекуваме некоја поддршка од ФИДЕ, дали таа ќе дојде или нема да дојде, тоа е дискутабилно. Хипотетички, некој очекува поддршка или помош, но нагласувам, тоа е се хипотетички. Maybe yes, maybe not.

ДЕРБИ: Спомнавте дека имавте ревидиран систем за квалификации за поединечното Затворено првенство на Хрватска, но кое е Вашето мислење за системот на натпреварување за светската титула? Ве изненади ли одлуката на Карлсен да не ја брани титулата?
– Видете, во конкретниот случај, мислам дека има малку политика. Не би сакал да спорам со Карлсен, тоа е негова приватна одлука и тој има право на таква одлука. Дали е тоа најчесно или не, дали е најправично или не, тоа е нешто за што може да се дебатира. Тој има право на такво нешто и тоа е тоа. Според мене, тој е далеку најдобар шахист во моментов и дека никој не може да го стигне. Тешко е сега да се зборува за системот на натпреварување. Тоа треба да се дискутира во пошироки рамки, да има предлози од сите страни, па да се најде некое решение кое е донекаде прифатливо за повеќемина, бидејќи тешко може да се најде нешто што е заедничко за сите.

ДЕРБИ: Ви благодарам за разговорот, тоа беа моите прашања…
– Ви благодарам и вас, поздрав од мене до сите шахисти во Македонија.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни