Поврзете се со нас

Македонија

Историски момент на националната арена: Вечерва првпат ќе има ВАР систем во македонскиот фудбал

Објавено

на

Куп финалето кое оваа вечер се игра на „Тодор Проески“ ќе биде историско поради пласманот на два тима кои првпат се дел од ваков настан, но на националната арена ќе има историја и поради употребата на видео технологија.

За првпат во македонскиот фудбал судиите ќе имаат помош од ВАР системот, па ако има некоја спорна ситуација и одлука на теренот, главниот арбитар ќе може да се советува и да добие инструкции од ВАР собата.

Фудбалската Федерарција на Македонија доби дозвола од ФИФА за употреба на видео технологија за евентуален преглед на судиските одлуки, а на техничкиот состанок на кои присуствуваа официјалните лица одредени за финалето од Купот на Македонија и претставници на екипите – финалисти беа споделени сите детали околу употребата на ВАР технологијата.

– Воведувањето на ВАР технологијата е дел од програмата на Фудбалската федерација на Македонија, а овој проект го започнуваме од финалето во Купот на Македонија. Ги следиме сите потребни чекори и подготвивме проектен план со цел да го имплементираме и на натпреварите од Прва МФЛ. Исто така, го следиме и строгиот протокол воведен од ФИФА и ИФАБ.

– Ќе почнеме да ја користиме ВАР технологијата дури кога ИФАБ ќе ни потврди дека инфраструктурата, технологијата и судиите кои ја користат се целосно подготвени. Се надеваме дека во следната сезона ќе можеме да имплементираме ВАР технологија на натпреварите во МФЛ. Најважно е грешките да се намалат и елиминираат, но важно е да се запамети дека судијата на теренот сепак одлучува сè, а технологијата само му помага да ги погледне деталите, – изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ и делегат на вечерашното финале во Купот на Македонија.

Големото финале се игра денеска со почеток во 19:00 часот, главен судија ќе биде Александадр Ставрев, а помошници ќе бидат Дејан Костадинов и Куштрим Лика, како и Јован Качевски како четврти судија.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни