Поврзете се со нас

Шах

Интервју со Тони Лазов: Медалот е плод на 18 годишна работа, но нема да застанам тука!

Објавено

на

Спортскиот живот знае да биде суров и да постави премногу препреки на патот до успехот, но поединци кои се осмелиле да пркосат на соменжите и имале самодоверба, но и поддршка од вистинските инстанци (тренер, клуб, спонзор), понекогаш знаат да испишат историја.

Шаховските олимпијади се големи турнири на кои се играат по 11 кола, а на четири табли играчите постигнуваат поени кои натаму пресудуваат дали мечот ќе заврши со победа на едната страна или можеби нерешено. Делува неверојатно, но од репрезентација која имаше 62 место според просечниот стартен рејтинг, беше забележан пласман на 61 место, но Интернационалниот мајстор Тони Лазов се издвои и успеа да освои 7,5 поени од 8 одиграни партии, притоа победувајќи неколку велемајстори, а ремизираше и со Холанѓанецот Јорден ван Форест кој на неодамнешното Европско првенство во забрзан шах стана шампион во брзопотезно темпо. Со овие резултати, а согласно тежината (рејтингот) на противниците со кои играл, му беше пресметан коефициент за перформанси од 2.763, со што го освои сребрениот медал за настап на втора табла

ДЕРБИ: За шаховските резултати изветуваме редовно, но последното интервју со тебе датира од освојувањето на титулата Интернационален мајстор пред неколку години. Може да се рече дека имаше извесен мирен период потоа, но еве сега бран на нови постигнувања, па првото прашање во ова интервју се наметнува самото: од каде оваа нова енергија?

– Последниве години стагнирав, па дури и малку назадував со резултати, бидејќи беше преголем товар истовремено да студирам, да работам шах и да се натпреварувам. Но, откако дипломирав минатата година, одлучив целосно и професионално да се посветам исклучиво на шах. Во оваа моја одлука добив поддршка од моето семејство, како и од мојот клуб Алкалоид, кој како и до сега продолжува понатаму да ме поддржува во мојот шаховски развој. Успесите набрзо дојдоа: најпрво своената велемајсторска норма на Европското екипно првенство во Будва, Црна Гора во ноември минатата година, потоа победив на Првенството на Македонија 2024 со што за првпат ја освоив и националната шампионска титула, а во меѓувреме победив и на неколку рапид турнири. Исто така, имав одлични настапи за мојот матичен клуб Алкалоид на Екипниот шампионат на Македонија каде што на последните две првенства имам вкупен скор 10 победи и само 1 реми од 11 одиграни партии, а Алкалоид и понатаму ја задржува шампионската титула. Како крем на овие успеси дојде сребрениот медал од Олимпијадата што секако е мојот најголем успех досега.

ДЕРБИ: Организациски гледано, веројатно ова беше најдоброто нешто што можеше да се случи сега, во овој дел од твојата кариера. Имаш ли некава „листа на желби“ или можеби конкретен план за идните чекори, или можеби цели за освојување?

– Овој фантастичен резултат, сребрениот медал од Олимпијадата, не е ни толку случаен, ниту пак е резултат на само еден добро одигран турнир. Ова е резултат на 18-годишна напорна работа која ја имам зад себе. Секако дека нема тука да застанам и верувам дека наскоро ќе следат нови успеси меѓу кои и освојување на велемајсторската титула.

ДЕРБИ: Македонија ја зафаќа „еуфорија“ кога екипните репрезентации изборуваат пласман на европско или светско првенство. Посакуваш ли поголема свесност кај публиката за поединечните спортови и за резултатите кои се постигнуваат?

– Гледајќи ја спортската сцена во Македонија се чини дека поединечните спортови, како на пр. шах, борење, теквондо и сл. се потценети во однос на популарните екипни спортови, иако баш таму имаме најголеми успеси и тие се најдобрите спортски амбасадори на нашата држава. Би било добро ваквите спортови да се популаризираат повеќе и да добиваат поголема поддршка во секој поглед.

ДЕРБИ: Ми звучи речиси неверојатно фактот што двајца од нашите најуспешни шахисти доаѓаат од еден мал град како Неготино, Бидејќи токму ВМ Трајко Недев е твој тренер, јасно е дека таа конекција дава резултати, но има ли потенцијал за повеќе?

– Трајко Недев чекал со години, можеби децении, да се појавам јас. Сега јас чекам да се појави некој нов талентиран играч кој ќе се посвети целосно на шахот и на кој ќе можам да му помогнам да ги продолжи нашите успеси. Кога тоа ќе се случи не можиме да предвидиме, можеби за некоја година, можеби деценија, но се надевам и верувам дека во мојот град Неготино има и ќе има таленти кои ќе ја продолжат оваа успешна шаховска приказна. Во шаховскиот клуб Неготино, каде што и јас лично помагам во образувањето и подучувањето на млади шахисти, се надевам дека еден ден подигнеме ново име кое ќе го достигне и ќе го надмине и мојот успех и успехот на мојот тренер, велемајсторот Трајко Недев.

ДЕРБИ: Секако дека е тоа мотивација за работа на „долг рок“, но постои ли нешто што би можело да се каже дека ти е инспирација кога треба да се внесеш во некој проект како што беше Шаховската олимпијада?

– Инспирацијата и мотивацијата ми дојде најмногу поради еден нов момент во мојот живот, а тоа е мојата девојка Викторија, која веруваше во мене и беше убедена дека можам да освојам медал па некако тоа свое убедување успеа да го пренесе и на мене, иако јас самиот не верував дека можам да посигнам таков успех. После секоја завршена партија со нетрпение чекав да и се јавам и веднаш да и ги соопштам одличните вести дека сум победил! Иако не беше физички присутна и комунициравме само преку телефон буквално чуствував како да е со мене и заедно се радувавме знаејќи дека со секој освоен поен бев се поблиску до целта. Да се има партнер кој ти ја дава потребната поддршка во вистинскиот момент е нешто што навистина може да направи разлика.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни