Поврзете се со нас

Македонија

ИНТЕРВЈУ СО РИКО ВУКОВ: Имам приоритети за новата сезона, но една желба ќе остане неостварена!

Објавено

на

Пандемијата со Ковид-19 минатата година го сврте вниманието на луѓето кон сопственото здравје и здравјето на најблиските, па напорите на спортистите од Македонија да постигнат резултати на европски и светски план во голема мера беа поматени од развојот на ситуацијата.

Од друга страна, македонскиот автомобилист Рико Вуков кој се етаблираше уште во раната младост како возач на картинг, веќе неколку сезони работеше на својата подготовка во светот на трките каде што доминираат возрасните. Српското првенство беше „отскочната даска“, но паралелно со тоа имаше разни тестирања на возила од ТЦР, како и учества во трки на издржливост.

Во интервјуто за „Дерби“, Ристо Вуков открива дека неговиот ангажман во Порше Карера Куп бил „готова работа“ уште на крајот од 2019 година, неколку месеци пред појавата на пандемијата, а истовремено ги открива и причините зошто го избрал ова натпреварување.

ДЕРБИ: Можеш ли да ни ја доближиш твојата одлука да го избереш Порше Карера пред трките од ТЦР Европа во кои го гледавме Виктор Давидовски, а повремено и Игор Стефановски, кој воедно возеше и во ТЦР Италија?

– По крајот на кариерата со картингот и одлуката да се вклучам во трките со автомобили, решив да се тркам во Србија заради посилната конкуренција. По пет години таму, како шампион се повлеков од српското првенство, со титула во најсилната класа „југо хибрид“. Стара мудрост е дека треба да си заминеш кога си на врвот и јас ја испочитував. Со задоволство би возел секогаш во таа класа, имало и секогаш ќе има интересни моменти во неа, многу е конкурентна, добра е за „челичење“ и јас имав шанса да научам многу лекции возејќи таму. Уште во 2017 година тестирав со разни автомобили кои имаа ТЦР спецификација. Бидејќи имаме славни имиња во ТЦР Европа, пред се Душан Борковиќ, а секако и Игор Стефановски Иџе и Виктор Давидовски, овие трки се популарни на Балканот. Но, во исто време, поради мојата блискост со нив, ги знаев нивните искуства и можев да оформам свое мислење околу политиката на организаторите, околу правилата за подготовка на автомобилите кои на моменти доведуваат до нееднаквост меѓу возачите. Од друга страна, мојот поранешен тимски колега од српското првенство, Јован Лазаревиќ, имаше еден тест во 2018 година во Монца, каде што се возеше и ТЦР Европа, а потоа настапуваше и цела сезона во 2019 година со Порше Карера, па почнав да ја анализирам таа опција, се интересирав во целина за трките од ГТ класите. Главната разлика од ТЦР е задниот погон, што мене ме асоцира со младоста и возењето во картинг шампионатите. Потоа следеа контактите во текот на 2019 година и наменските посети и запознавањата со тимот. Не сакам да го омаловажам ТЦР Европа со ништо, но по својата моќност, ГТ автомобилите се една скала над перформансите со ТЦР возилата, а дополнително бараат и врвна возачка техника. Сметав дека Порше ќе биде вистинското школо за мене, како би се адаптирал за она што сакам да го продолжам во иднина, бидејќи сите повисоки класи се со возила кои имаат заден погон. Единствено што не ми се допаѓаше во оваа приказна е дека нема да имам шанса да возам против Иџе и Виктор, мислам дека тоа ќе ми остане неостварена желба и нешто што би сакал да се случи во иднина, но сигурен сум дека повеќе го посакував ова натпреварување поради пофер правилата, изедначените перформанси на автомобилите и можностите за напредок во повисоките ГТ класи.

ДЕРБИ: Ако пресуди определбата за спортски ГТ возила, како тогаш дојде до Порше Карера Куп, бидејќи овие класи ги има и во ФИА ГТ шампионатот, а и во трките на издржливост, како „24 часа Ле Ман“?

– Околу изборот на шампионатот и тимот, совет добив од Борис Миљевиќ, поранешен возач и човек кој моментално соработува со повеќе тимови од италијанскиот и светскиот куп. Со него разговарав и за другите ГТ шампионати, а некаде на крајот на 2019 година ме запозна и со Џанлука Ди Лоренци, сопственикот на тимот за кој што возам денеска. Се сретнавме на последната трка од 2019 година, за прв пат влегов во боксот, го почувствував мирисот на тркачката гаража, и стекнав мошне импресивно мислење за серијата, за натпреварувањето. Во моментот кога седнав во возилото, првото чувство кога го стартував моторот, во мене предизвика многу поразлични чувства. Едноставно, ме инспирираше и конкуренцијата, повеќето ривали се професионалци. Добив понуда да возам на трката во Абу Даби, каде што бев еден од возачите на „ЏДЛ рејсинг“ во таа 12-часовна трка и тоа беше голем тест за сите нас, и за мене како возач на ГТ автомобили, а и за нив да видат со каков калибар на возач треба да соработуваат. Јас бев задоволен од мојот настап, како тим имавме второ место во нашата класа, моите времиња по круг беа конзистентни, и се на се, искуствата беа позитивни. Тоа беа можеби последните 5% кои направија да се договориме и да го насочам моето внимание на овие трки. Во нашиот разговор на сите ни беше јасно дека разговараме за долгорочна соработка, но формално одлучивме да одиме година за година. Ултимативната цел е освојување на титулата, а тоа не е нешто што се прави преку ноќ. Првата сезона ни беше јасно на сите дека ќе биде година во која ќе се запознаеме најдобро и со возилото и со патеките, како и дека мора да сме меѓу првите десет за да создадеме основа за напредок.


ДЕРБИ: Но пласманот меѓу првите десет се случи веднаш, уште на првата трка?

– Искрено, јас бев изненаден од првиот пласман во „топ 10“ и тоа ме охрабри бидејќи знам колку ми беше тешко на првиот настап во Муџело. Трема немав, ама од висиките брзини и од силните гравитациски сили се чувствував како да имам „морска болест“. Потоа имаше различни подеми и падови, имаше моменти кога бев подобро пласиран, но имав големо задоцнување, а имаше и моменти кога доцнев само шест десетинки, а бев на 12 место. Сето тоа ми даде слика слика дека изедначеноста е голема, но тоа беше очекувано и беше стимул да се продолжи натаму. Тимскиот шеф Џанлука Ди Лоренцо ми упатуваше пораки „да се предадеме еден на друг“ со автомобилот. Апелираше дека брзините се големи, односно 90% од еден тркачки круг како да „лебдиме“, а во 10% сме на асфалтот. Најголем проблем имав со чувството на сопирачките, бидејќи тоа не е како во обичниот живот, туку со отсечен и силен удар по педалата. Тоа го компромитира влезот во свиокот, брзината низ свиокот, однесувањето на возилото. Не е едноставно! Исто така ми бараше да бидам поагресивен со воланот, да не стравувам дека ќе го изгубам возилото и така натаму. Сето тоа планирам да го корегирам оваа година.

ДЕРБИ: Постојат најави дека бројот на возачи ќе се зголеми, дека конкуренцијата за разлика од лани ќе биде уште пожестока, а воедно и ланскиот шампион Симоне Јакинта ќе остане да ја брани титулата. На хартија воопшто не звучи дека ќе биде полесно, како се подготвуваш за новата сезона?

– Да бидам искрен, чувствувам дека имам свои приоритети и работев на нив. Оваа зима ја посветив на различен тип на тренинзи, како на физички план, така и на психички план, бидејќи сакав да бидам сигурен дека сум ја искористил секоја шанса за да се подобрам. Имав возења, односно тренинзи на симулатор, кои навистина ме истоштуваа, тоа беа исцрпувачки искуства, но работев на задржувањето на концентрација на подолг рок. Патеките веќе ги познавам добро, така што сега е време да се состави мозаикот. Ова е последна година на Порше Карера со старата генерација на ГТ3 автомобили, а во Светскиот куп ќе ја имаат на располагање новата верзија. За мене е добро од страна на искуство за оваа година, како и дека во 2022 дека сите ќе почнеме „од нула“. Имав понуда да го тестирам новиот автомобил во април, но во консултација со тимскиот шеф, фокусот на оваа сезона ќе биде на она што треба да се постигне со ова возило, а нашите тренинзи ќе бидат во мај, а сезоната започнува во јуни. Надвор од ова, ако условите дозволат, ќе гледам да посетам уште повеќе автодроми за тестирање, но затворените граници и минатата сезона ни направија многу проблеми.

ДЕРБИ: Можеш ли да опишеш со што се беше соочен минатата сезона кога за прв пат настапуваше во Порше Карера Купот?

– Нашите патувања беа исполнети со разни моменти на депримираност и дефокусираност од главната цел, буквално моравме да преговараме на некои гранични премини или со некои претставници на полицијата во земјите каде што патувавме. Еднаш се случи да останам во Италија повеќе од три седмици, далеку од дома, од страв дека нема да можам да ја поминам границата повторно. Имаше ситуации кога не патував со мојот автомобил туку со изнајмен, само за да возам со странски таблички и да не ме сопираат и да ми бараат разни документи. Испраќам апел до надлежните институции, пред се Министерството за надворешни работи, заедно со Агенцијата за млади и спорт, за нас како спортисти кои ја претставуваме државата на разни евровски и светски натпреварувања, да ни се помогне со обезбедување соодветна документација, со која ќе можеме полесно да ги оствариме нашите цели. Искрено се надевам дека оваа година и на тоа поле ќе има напредок, бидејќи моја цел е да бидам на подиумот и да го развеам македонското знаме.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни