Поврзете се со нас

Зимски спортови

Интервју со Ивица Костелиќ: Скијањето и натаму е прв избор, нова љубов е едрењето на океан!

Објавено

на

На страниците на „Дерби“ веќе го најавивме интервјуто со легендата на скијачкиот спорт, Ивица Костелиќ, кој настапуваше во Светскиот Куп од 1998 до 2017 година, при што има остварено 26 победи и еднаш го освои првото место во генералниот пласман (2011 година). На Зимските олимпијади во Торино (2006), Ванкувер (2010) и Сочи (2014) има освоено четири сребрени медали.

Оваа зима тој повторно беше во приватна посета на Македонија, земја на која се сеќава од неговото најрано детство, кога неговиот татко Анте бил ангажиран во ракометниот клуб „Пелистер“, но и самиот тој тука ги има направено првите чекори во скијањето.

ДЕРБИ: После колку време сте повторно во Македонија, кои скијачки центри ги имате посетено тука?

– Прв пат доаѓам во Македонија по 1997 година, значи 27 години! Тука настапував на „Шарпланинскиот куп“, во тоа време како 17-годишник. Не сум ги посетил другите скијачки центри во Македонија, сум бил само на Шар Планина и тоа ми е останато како убав спомен. Се сеќавам дека трката беше добро посетена, имаше навистина многу навивачи. Дојде мошне добрата репрезентација на Словенија и мислам дека Грегор Грилц го освои златото, а јас бев втор. Најубаво ми беше тоа што имавме таква поддршка од навивачите, а јас како 17-годишен се чувствував небаре возам во Светскиот Куп.

ДЕРБИ: Според нашите информации, Вашите први чекори во скијањето сте ги направиле во Македонија?

– Се разбира дека јас на тоа не се сеќавам, бидејќи сум имал само три години, но подоцна родителите ми раскажуваа дека прв пат сум застанал на скии на еден мал рид крај Битола, наречен Тумбе Кафе. Таму прв пат застанав на скии, па имам некаква поврзаност со Македонија, целата моја приказна има некои врски со Македонија. Моето прво вистинско скијање сум го доживеал на Пелистер.

ДЕРБИ: Вашиот татко беше ракометен тренер, а исто така и Вашата мајка била ракометарка. Дали и денес би го избрале скијањето пред ракометот, или можеби некоја нова љубов како едрењето и стрелаштвото?

– Пред се е скијањето! За мене лично скијањето е најдобар спорт на светот, а да се биде скијач е навистина привилегија. Затоа скијањето го бирам пред сѐ, иако денес имам некои други хобија. Скијањето го доживувам на еден нов начин, многу го засакав „free ride“, потоа го сакам „turno“ скијањето и скијањето на големи планини. Во секој случај, скијањето останува мојот прв избор.

ДЕРБИ: Како се гледате себе си денеска, дали се чувствувате како пензионер или имате друго име за главната улога во Вашиот живот?

– Јас сум спортски пензионер, не сум вистински пензионер! И натаму активно се занимавам со спортот, полупрофесионално се занимавам со едрење и тоа го правам на океан, па може да се рече дека тоа е некој нов спортски живот, но со големо задоволство продолжувам со скијањето. Снимам филмови, пред се скијачки, а тоа е нешто во што наоѓам задоволство во оваа скијачка пензија.

ДЕРБИ: Не би можело да се зборува со Вас, без да се спомне и Вашата сестра Јаница. Таа освен што беше успешна во скијањето, се обиде и како државен службеник. Дали и Вие би се обиделе во политиката?

– Јаница не беше политичарка, туку како неполитичка личност беше раководител на нашата дирекција за спорт во Хрватска. Но, мене политиката апсолутно не ме интересира и немам никакви амбиции да се занимавам со неа. Сѐ уште сум инволвиран во работата со младите скијачи, иако веќе не се толку млади, бидејќи откако се повлеков од натпреварувањата работев со оние што скијаа за нашата репрезентација. Првенствено тоа беа момците кои возеа во Светскиот Куп, Филип Зупчиќ, Исток Родеж, браќата Колега. Од 2021 поминав во женската репрезентација и таму работам со Зринка Љутиќ. Се трудам да помогнам и лично тоа ми е големо задоволство бидејќи некогаш тоа беа деца, а сега се возрасни луѓе кои некогаш оделе по моите стапки.

ДЕРБИ: Кое е Вашето мислење за популарноста на спортовите денеска и каде е тука скијањето наспроти другите адреналински спортови како Формула 1 и мотоциклистичките трки?

– Скијањето е исто така адреналински спорт, но овој спорт некако загуби од својата некогашна харизма, која ја имаше пред 30-40 години и која и помогна да се етаблира како некаков врвен светски спорт. Денеска скијањето живее на таа своја стара слава и за жал, по моето мислење, водењето на спортот од страна на ФИС не е добро, односно веќе одамна не оди во добра насока. Тоа ќе остане многу популарно во земјите кои се врзани за снег и планини, но за жал спортот денеска е глобален и многу се прошири. Додека другите спортови успеаја да се прошират на нови пазари, скијањето остана врзано за мал круг земји, а тие земји и натаму ја штитат својата положба во скијачкиот спорт. Тоа е долга тема на која може да разговараме, но скијањето се нема помрднато напред, додека другите спортови тоа го направија.

 

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни