Интер започна преговори со дефанзивецот на Јуве на кого му истекува договорот ова лето

kvado-asamoa

Масимилијано Алегри внимателно го бира секој играч на транфер пазарот во соработка со феноменалниот оперативец Бепе Марота, а иако Јувентус минатата недела испадна во четвртфиналето во Лигата на шампионите, фудбалот кој го прикажа на „Сантијаго Бернабеу“ е само потврда за добро завршената работа, пред се во ситуација кога не се потрошија многу пари за засилувања.

Италијанскиот шампион најмногу доби со ангажманите на Даглас Коста и Матуиди кои беа извонредни на гостувањето во Мадрид кај Реал, но колку што Јуве е прецизен при бирањето на потенцијалните засилувања, исто така важи за клуб кој доста тешко се откажува од своите фудбалери.

Јувентус минатото лето одолеаа на нападите на финансиски подготвените клубови кои во своите редови го сакаа Алекс Сандро, играчот кој игра на позицијата лев бек и кој во изминативе две сезони направи Квадо Асамоа да потпадне во втор план. Фудбалерот од Гана доби доста шанси од Алегри во домашното првенство оваа сезона каде има запишано 17 настапи, но со оглед на тоа што договорот му истекува ова лето, за верување е дека ги број последните месеци како член на Јувентус.

Клубот од Торино нема намера да му го продолжи договорот на левиот бек кој го ангажираше во 2012 година, а сето ова денеска доби значително на шпекулации откако италијанските медиуми пренесоа дека Интер будно ја следи оваа ситуација, па веќе одговорните луѓе на клубот стапиле во контакт со неговиот агент.

„Нераѕурите“ веќе извесно време имаат проблеми на левата бековска позиција каде немаат стандардно решение, а Асамоа дефинитивно би бил и повеќе од полн погодок ако се знае дека можат да го добијат без отштета и во улога на слободен агент.

Facebook Коментари