Институционална криза на „Месталја“: Валенсија го „шутна“ тренерот Марселино!

marselino-bib

Марселино Гарсија Торал успеа да ја врати Валенсија на вистинскиот пат во изминативе две сезони, но во ситуација кога ја стартуваше својата трета кампања како тренер на „лилјаците“, го доби најнеблагодарниот „подарок“ за одлично сработената работа на „Месталја“.

Шпанскиот стручњак две сезони по ред ја однесе Валенсија во Лигата на шампионите и минатиот мај му го донесе првиот трофеј на клубот по пауза од 11 години откако во финалето ја победи големата Барселона, но тоа очигледно не беше доволно за да се надмине институционалната криза која се јави во Валенсија во изминативе два месеци. Газдата Питер Лим изрази желба да има поголема улога во трансфер политиката на клубот, но очигледно како главна пречка за остварување на вакво нешто го виде Марселино кој ова попладне и официјално доби шут-карта со прекратко и прескромно соопштение.

– Валенсија сака да соопшти дека Марселино Гарсија Торал веќе не е тренер на првиот тим. Клубот сака да му се заблагодари за работата, за посветеноста и успесите кои ги оствари во оваа етапа, – гласи краткото соопштение на „лилјаците“.

Со ова, газдата од Сингапур испрати јасна порака дека тој е главен во проектот на Валенсија, а исходот од несогласувањето кое го имаше со тренерот секако е најнеповолно за играчите и навивачите на клубот кои неизмерно му веруваа на стручњакот кој доаѓа од Астурија. Шпанските медиуми секако останаа шокирани од ваквиот расплет на ситуацијата со оглед на тоа што сезоната штотуку започна, но истите најавуваат дека Лим веќе го договорил наследникот на Марселино, а тоа ќе биде Алберт Селадес, човекот кој му беше помошник на Лопетеги во Реал Мадрид.

Facebook Коментари