Поврзете се со нас

Атлетика

In memoriam: Почина легендата на југословенското спортско новинарство Милка Бабовиќ

Објавено

на

Денеска во Загреб, на 92-годишна возраст почина поранешната атлетичарка и телевизиски спортски новинар, Милка Бабовиќ.

Бабовиќ пред повеќе од два месеца била хоспитализирана во клиниката „Дубрава“ поради компликациите кои и ги предизвикал коронавирусот, а жената која беше вистинска легенда на просторот на поранешна Југославија не успеала да ја добие оваа битка.

Бабовиќ е родена во Скопје на 27 октомври 1928 година (каде што нејзиниот татко бил на служба како доктор), а преку престојот во Сараево, по војната се сели во Загреб каде останува до крајот на животот. Во својата кариера како атлетичарка, Бабовиќ била 17 пати државен првак и 26 пати поставувала државен рекорд во повеќе спринтерски дисциплини.

Останува запаметена како доајен на југословенското спортско новинарство, а покрај новинарските ангажмани, била препознатлива како телевизиски коментатор на уметничко лизгање и други помали спортови, чија популарност била зголемена токму поради начинот на кој биле пренесувани до спортската јавност.

– Како спортска новинарка, Милка Бабовиќ постави пример за темелна подготовка пред преносите. Иако и самата беше атлетичарка и одлично ја коментираше истата, нејзините преноси од уметничкото лизгање и донесоа голема популарност, но и почит. Имаше дарба со неколку зборови да даде прекрасни описи, како на изведбата, така и на подговеноста на натпреварувачите, нивните костими. Тие преноси и ден денеска можат да бидат вистински учебници за тоа како треба еден коментатор да си ја врши својата работа. Лично се запознав со Милка околу 1964 година, а во 1972 година известувајќи од Олимписките игри во Минхен, имав чест да работам паралелно со неа. Имаше огромно трпение, особено при соработката со помладите колеги. Од неа добив совет како да го издвојам битното од она помалку битното, а самата таа беше жива енциклопедија и пример за тоа како се изнесуваат само проверени факти. Нека и е вечна слава, – рече Атанас Костовски, основоположник на македонското телевизиско спортско новинарство, во изјавата за „Дерби“.
– Многу заеднички преноси имаме одработено заедно со Милка, таа беше огромен професионалец и ја красеше голема колегијалност. На големите спортски натпреварувања знаеше дека јас морам да покривам и други спортови како борење и бокс, па кога ќе дојдев на пренос за атлетика, ме чекаше со ископирани стартни листи. Беше фантастичен човек, другар, зборуваше повеќе странски јазици. Тоа што го знаеше, го знаеше перфектно и стоеше зад се што ќе каже. Разделбата со неа ме растажува бидејќи губиме редок човек, вистинска легенда,- вели Зоран Михајлов, македонскиот спортски коментатор кој исто така започна како атлетичар.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни