Поврзете се со нас

Македонија

IN MEMORIAM: Даниел Крстевски (1973 – 2023)

Објавено

на

Даниел Крстевски е добро познато име на македонската тркачка сцена, но за жал предвреме „се повлече“ од својата животна трка

Тешко е да се започне текст за збогување со млад човек, чиј успешен животен пат беше сурово прекинат од ненадејни компликации со здравјето. Тркачката заедница во Македонија во текот на март се збогуваше од Даниел Крстевски, возач кој беше четирикратен државен шампион

Трките во Македонија го имаа својот процут во првата декада по осамостојувањето, кога публиката што беше „гладна“ за адреналинска вобуда, имаше шанса да ги следи домашните збиднувања со по десетина трки годишно.

Првично, тоа се однесуваше на трките на ридски патеки, а подоцна беше проширена и со организација на трки на кружни патеки, како и со повеќе куп натпревари. Токму едно од тие натпреварувања беше Купот „Пежо 106“, преку кој во авто спортот беше направено сериозно влијание со влез на повеќе млади возачи, но и автомобили кои со години (ако не и децении) се возеа во домашните трки.

Даниел Крстевски се етаблираше низ трките од Купот „Пежо 106“, каде што го освои третото место, по што се охрабри и со истото возило потоа продолжи и во државните првенства и постигна значителни успеси.

– Од 1997 до 2004 настапуваше во ридскиот и кружниот шампионат на Македонија и беше 4-кратен шампион, а настапуваше и на трки во соседството. На ридски патеки настапи на 25 трки и имаше 9 победи и 21 подиум. Освои 3 шампионски титули во 1997, 2000 и 2003 година. Во кружниот шампионат настапи на 22 трки, победи 11 пати и беше шампион во 1997 година,- вели Владимир Карчицки – Кац, кој води педантна евиденција за македонските трки.

– Дени Пежо”, како што ми стои во именик, го запознав пред трките, во средношколските денови. Заедничката пасија не спои и во трките, и минавме безброј убави моменти на и вон стазите. Ако треба накратко да го опишам: чесен, умерен, пријатен, добар, можеби и атипично за времето во кое живееме. Возеше многу брзо, но живееше тивко, и така прерано финишираше во својата последна трка… Сеќавањата на него, за мене секогаш ќе бидат особено драги, а споменот на прекрасните моменти вечен,- напиша Александар Тодоровски, негов пријател, но и ривал на тркачките патеки.

– Даниел Крстевски……вљубеник во автоспортот, особено во натпреварувачките автомобили подготвени од оделот на „Пежо Спорт“. При учество на натпревар во Грција, го возевме неговото „ Пежо106 гти“, а ме советуваше за тоа како се однесува автомобил со торзија на тркачка патека и на што да внимавам. Тоа нема да го заборавам! Секогаш ведар и насмеан, спремен во секој момент да ја прифати „фрлената ракавица“ за двобој позади воланот,- посочи Никола Порданов, кој го запозна македонскиот шампион при крајот на кариерата и имаше можност да соработува со него при етаблирањето на сопствената кариера.

За Даниел Крстевски ќе остане скромното објаснување дека е роден во 1973 година и дека освен автомобилите ја сакаше и музиката, односно беше член на составот „Леон Пинк“. Освен во Македонија, возеше на трки и во соседството, па има и трофеј од трката на „Ушќе“ во Белград. Неколку години од својот живот ги помина во Англија, по што се вклучи и во тамошните тркачки активности настапувајќи со Фолксваген Буба на тамошните трки на издржливост.

Одличен пријател и колега, уште подобар возач!

Стартот во трките на Даниел Крстевски беше преку клубот кој функционираше под закрила на компанијата „Еуроимпекс“, која го донесе и Купот „Пежо 106“ во Македонија. Претставникот на компанијата (воедно и на некогашниот тим), Даниел Воиновски има само убави спомени од соработката со Крстевски.

– Дени беше прекрасен човек, кој беше трудољубив и сакан од сите, одличен колега и работник, а како возач беше уште подобар! Горд сум што имав можност да соработувам со таков талентиран возач и заедно да постигнеме успеси со тимот на „Еуроимпекс“ за кој настапуваше на почетокот од својата кариера. Беше навистина перспективен, брзо го достигна максимумот во Македонија и жалам што од објективни околности не успеа да направи интернационална кариера. Навистина ме растревожи веста за неговото заминување, ќе биде запаметен како еден од најдобрите што сме ги имале во Македонија,- смета Воиновски.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни