Поврзете се со нас

Шах

ИМ Димитар Илиевски: Со големи жртви и огромно трпение до незаборавни успеси

Објавено

на

Во чест 75-годишниот јубилеј од започнувањето на шаховските првенства во Македонија (1946-2021), „Дерби“ започна со серија написи за поранешните шампиони, кои денеска важат за спортски легенди.

Димитар Илиевски е роден како петто од шесте деца во семејството, среде виорот на Втората светска војна, во 1941 година. По ослободувањето, од планинското село Ѓавато семејството се населува во Битола, каде што четирите браќа се вклучуваат во општествениот и спортскиот живот, а со тоа се активираат и во шаховската игра која тогаш била мошне популарна.

Она што започнува како семеен натпревар, прераснува во доминација на градско ниво, која натаму ќе продолжи да се развива и ќе ги етаблира браќата Борче и Димче Илиевски како втемелувачи на битолскиот современ шах. Иако сите имале свои успеси и различни гледишта за напредокот, судбината го вплеткала најмладиот од нив да остане „врзан“ за магичните 64 полиња, постигнувајќи големи успеси, иако никогаш не бил шаховски професионалец.

ДЕРБИ: Сите говорат дека по ослободувањето шахот бил еден од најпопуларните игри, но како започна Вашето патешествие кое ултимативно беше крунисано со титулата Интернационален мајстор?
– Почнав да играм на 12 години, гледајќи ги постарите браќа, Цане и Борче, кои беа 8 односно 6 години повозрасни од мене. Кога јас започнував во 1953 година, Борче веќе по втор пат стана првак на Битола, додека Цане таа година беше шести. Почнав да ја читам книгата „Шах – игра на милионите“, и лека полека почнав да навлегувам во тајните на играта. Книгата ми беше забавна, а јас бев одличен ученик, првенец на генерација во средното економско школо и го најдов својот предизвик! Кога седнав да играм со најстариот брат Цане, тој беше фрапиран, не знаеше кој ме научил, а одеднаш – јас го предизвикувам да играме и го победувам. Тој веќе беше 20-годишен и веќе играше фудбал, лево крило во „Пелистер“, додека јас почнав да одам во клубот „Стево Патако“ за да играм шах. Таму редовно се играа турнири и имаше можност да се освојуваат таканаречените „категории“. Сите почнувавме од „петта“ и напредувавме, а јас успев да ги земам сите, од „четврта“ до втора“ со победи на турнирите. Мојот постар брат Борче ми беше идол и сакав да го достигнам, но дури во 1956 година почнав да играм за екипата и да победувам дотогаш респектирани и повозрасни шахисти од мене. На првенството на Битола за 1956 година дебитирав и бев втор зад братот Борче, а следната 1957 година ги променивме улогите: јас бев првак, а Борче втор. Бидејќи заминав на студии, на овој турнир играв само уште во 1961 и 1964 година, и во двата наврати го делев првото место со Борче.

ДЕРБИ: Кога се вклучивте во републичките првенства како младинец, а кога како сениор?
– Од 1957 година играв на младинското првенство на Македонија, кога го освоив третото место, зад Миле Марковски и Огнен Јотов. Следната година стигнав и до титулата, по што ја освоив уште еднаш, во 1959 година. Во 1961 година прв пат настапив на сениорското првенство и бев петти, а веќе во 1962 година на две кола пред крајот дојдов во ситуација да го освојам турнирот. За жал, поради сплет на околности, титулата тогаш за прв пат „ме заобиколи“.

ДЕРБИ: Дали можете да бидете попрецизен, каков бил тој сплет на околности?
– Првенството за 1962 година се играше во Отешево. Пред почетокот јас воопшто не бев сметан меѓу кандидатите за негово освојување, но како што доаѓаше крајот на турнирот, така јас фатив приклучок кон врвот. На три кола пред крајот бев само половина поен зад водечките Софревски и Панов, коишто требаа да играат меѓу себе, додека јас требаше да играм против последнопласираниот Тошко Бојаџиев. Во преостанатите две кола моите ривали требаше да играат со тешки противници од врвот (Данов и Јоксиќ), додека мојот распоред беше со противници од дното на табелата, против кои имав и претходно победувано. Се случи очекуван расплет, каде што првите двајца ремизираа, а јас победив, по што стигнав на делба на првото место. Но, она што се случуваше потоа „ми го загорчи животот“. Наводно, некој од играчите поднеле приговор дека победата ми била подарена, иако јас до победата стигнав низ борба со повеќе од 40 одиграни потези. На општо изненадување, судиите го прифатија тој приговор и на обајцата ни доделија контумација, обајцата по нула поени! Јас не знаев ништо за такават одлука, се подготвував за следното коло (требаше да играм со Лазо Јанчев) и пред стартот на колото дознав за одлуката со која ми се одзема победата од претходното коло.

ДЕРБИ: Дали вложивте жалба? Што се случи до крајот на тој турнир?
– Немав право на жалба, ми беше соопштено дека одлуката е конечна. Веста толку брзо се прошири што од Битола дојде претседателот на клубот, Јонче Сотировски, кој остро ги нападна организаторите, го употреби целиот авторитет како долгогодишен шаховски работник, но не успеа да направи ништо. Ме „ликвидираа“ на зелена маса, а не на шаховската табла. Тоа создаде голем револт не само кај мене, туку и кај останатите играчи, по што беше спречено тоа да еволуира во физичка пресметка, па осум играчи го напуштија турнирот. Беше јасно дека станува збор за некаква ујдурма, но турнирот продолжи да се игра.

ДЕРБИ: Такво е правилото за „бергер“ – турнирите, ако се одигра половина од турнирот, дури и играчот и да се повлече, до крајот тој се води како да играл, но добива „нули“?
– Да ми беше дозволено да се борам за титулата, бев убеден дека во тие последни две кола ќе направев сѐ што е во моја моќ за да победам, но во ваква ситуација кога и другите играчи напуштија, сметам дека натамошното продолжување на првенството не може да се каже дека било регуларно. Многу години подоцна, во разговор со меѓународниот шаховски судија Слободан Михајловски, кој тогаш беше меѓу организаторите, ми беше кажано „ти беше спречен да бидеш шампион“. Расплетот на првенството до крајот беше комплетно во моја полза: Васил Панов изгуби од Синиша Јоксиќ, а Јован Софревски во претпоследно коло изгуби од Киро Данов. Никогаш не разбрав кому му пречев тогаш, имав само 21 година и бев жигосан, што направи да посакам да се откажам од шахот. Монтираната драма продолжи со моја суспензија, за потоа да ме амнестираат по една година.

ДЕРБИ: Но, во исто време повлекувањето од шахот би можело да се протолкува и како прифаќање на обвинението?
– Јас тогаш бев студент на Правниот факултет и знаев дека таа неправда ќе мора да ја исправам бидејќи можеше да ми го уништи животот и кариерата како јурист која не ми беше ни започната. Мојот брат Борче веројатно како поискусен и повозрасен, кој беше учесник и на тоа првенство, ми остави период за да се смирам, а потоа знаеше како да ме испровоцира. Следната 1963 година дојде кај мене велејќи ми дека сум „трета виолина“ во Битола, по што ме „разбуди“ од хибернацијата и ми го врати натпреварувачкиот дух. Бев повикан да играм на екипното првенство за „Стево Патако“, па дури и прифатив интерен меч со Кире Стојановски – Газда за да видиме кој ќе игра на втора табла. Откако го победив него, влегов во екипата и заборавив на проблемите: за прв пат се сретнав со Ристо Ничевски, тогаш актуелен младински првак, а откако го победив, бев незапирлив. Го освоивме екипното првенство и се израдував на првата титула (што повторно ја освоивме и во 1968 година). Како надмоќен тандем на првата и втората табла, заедно со Борче и другите од екипата три пати го освојувавме „Купот на Маршалот Тито“, и потоа да учествуваме на неговата завршница во сојузни рамки. Прв пат славевме во 1964 година, кога Борче стана поединечен првак на Македонија, а јас блескав во Купот. На завршницата во Пула прво се играа партиите од екипното првенство на Југославија и во тие настапи извојував победа над велемајсторот Мато Дамјановиќ, за што добив овации при настапот во фамозната „Арена“. Имав и две реми со велемајсторите Јаношевиќ и Ќириќ. Во тие настапи, како и во партиите што следуваа од „Купот на маршал Тито“ остварив 2,5 поени повеќе од потребната норма за „Мајсторски кандидат“. Следните два триумфа со „Стево Патако“ ни беа во 1966 и во 1968 година. Токму за мечот во Скопје во 1966 година, врзана е една анегдота: службено бев заминат во Белград, па брзав да се вратам и решив за прв пат да се качам во авион. Но се случи откажување на моторот на авионот со кој патував (само што полетавме), па имавме принудно слетување во полјана близу Сурчин, за потоа да продолжам со воз и така ненаспан, повторно излегов на мегдан со Ничевски за на крајот да ја однесам победата.

ДЕРБИ: Дали ова значи дека ги избегнувавте државните поединечни првенства, како што тоа го направи и Благоја Сотировски пред Вас, па игравте само во екипните натпреварувања?
– Не, веќе во 1964 година се вратив на државното, но тогаш Борче имаше силен старт и беше прв кандидат за титулата. Јас се уште бев студент, дојдов да играм непосредно по завршувањето на испитите во јунската сесија, но имав и некои здравствени проблеми. Не се чувствував најдобро, па некако си зацртав да играм најсилно што можам, па успеав на неговите противници да им „откинам“ по половина поен. Бидејќи имав позитивни искуства против Ничевски, играв на победа и три пати го одбивав понуденото реми, иако Борче ќе беше шампион и со тој резултат, но на крајот сепак дуелот заврши без победник. Веќе од 1965 година почнав да го намалувам интензитетот на играње и се вработив во Царинарница во Битола. Што се вели, морав да го користам годишниот одмор за да играм на републичкото првенство, а за други турнири беше уште потешко да се најде време. Во 1966 година, кога по втор пат триумфиравме во Купот, јас бев второпласиран на првенството на Македонија, зад Ничевски. Секогаш кога играв, бев во врвот, па тоа ме натера да свртам „нов лист“ и да се посветам повеќе на шахот.

ДЕРБИ: Како се случи тоа, што беше пресудно за таквата одлука?
– Едноставно речено, знаев дека можам да победам секого во Македонија и сакав да станам најдобар. Успесите со екипата ме охрабрија и јас решив да се преселам во Скопје, бидејќи имав впечаток дека мора да сум таму за да успеам во тоа. Одлуката ја донесов за време на познатиот „Турнир на солидарноста“. Имено, таа 1968 година имаше 20 учесници, а само Софревски беше директно пласиран од Македонија. Ничевски и јас се пласиравме преку квалификациски турнир, додека Борче како третопласиран беше резерва, но и тој настапи. Лично сметав дека ние сме најсилната четворка во македонскиот шах, но реалноста беше дека на тој турнир ги имавме последните четири места. Сепак, независно од другите резултати, јас пресметав дека во меѓусебните дуели меѓу нас, јас имав два поена од три партии (го победив Ничевски, а тој го победи Борче, додека сите други партии беа реми). Според мојата пресметка, јас бев половина поен пред Софревски и Ничевски, додека Борче имаше само еден поен. На крајот од турнирот ја донесов одлуката за преселба во Скопје. Во тоа време во Битола имав на располагање трособен стан како вршител на должноста управител на Царинарницата, а мојата сопруга Велика беше вработена како учителка. Со мојот потег за префрлување во Скопје, јас де факто почнав од најниско ниво како референт, живеев во гарсониера, а сопругата цели дванаесет години беше невработена. Од денешен аспект, сето тоа изгледа лудо, но за мене тоа беше само уште една жртва на патот кон зацртаната победа. Секој ден по враќањето од работа, во попладневните часови работев посветено на шахот, нешто повеќе од две години, ги анализирав партиите од поранешните светски шампиони Алјехин и Капабланка, кои заедно со постариот брат Борче, се моите тројца идоли. Најдов две книги, една која содржеше 300 избрани партии на Алјехин, со негов личен коментар, а другата беше зборник од сите партии на Хозе Раул Капабланка. Од август 1968 година, па се до крајот на 1970 година, работев по два до три часа на ден, анализирајќи по една од тие партии. Алјехин беше фантастичен за комбинаторика, креативен во средишница и голем мајстор во завршница, додека Капабланка кој важеше за непобедив поради малиот број на порази во кариерата, беше одличен стратег и играше прецизно и беше ненадминат во завршницата. Кога ги завршив книгите, едноставно чувствував дека имам проникнато во сите тајни на шаховската игра, знаев дека сум посилен од кога и да било пред тоа.

ДЕРБИ: Дали тоа се потврди во пракса, какви беа резултатите од тоа усовршување?
– Во 1969 година станав првак на Скопје. Искрено, и јас самиот се изненадив од она што го постигнав кон крајот на 1971 година. Од 13 до 30 октомври се одигра „Отвореното првенство на Скопје“, кое веројатно беше едно од најсилните со оглед на фактот што покрај мене, на него играа шахисти од кои седуммина стигнале до државната титула (иако некои потоа). Победникот од овој турнир добиваше право на учество на „Турнирот на солидарноста“, заедно со Софревски и Ничевски, кои врз основа на мајсторската титула имаа директен пласман. Јас го освоив турнирот со победа над директниот конкурент Ристо Кизов, одејќи секој ден на работа и играјќи ги мечевите во попладневните часови. По втор пат во кариерата, изборив место за играње на тој елитен турнир кој започнуваше само две седмици подоцна. Иако почнав да го чувствувам заморот, тој турнир ме вивна во светската шаховска елита. Главни ѕвезди беа велемајсторите Полугаевски, Гуфељд, Велимировиќ, Планинц, Букиќ, Билек, Остоиќ и други. Јас бев најслаб по рејтинг од македонските шахисти и единствен играч на турнирот со титула мајсторски кандидат, или да илустрирам со бројки: Софревски и Ничевски имаа стартен рејтинг по 2410 поени, а јас 2280 поени. Со освојување на петтото место на турнирот, јас бев најдобро пласиран од нашите играчи на крајот и заработив 180 рејтинг поени! Имав победи над шахисти кои веќе имаа велемајсторски „балови“ (Душан Рајковиќ, Драгољуб Велимировиќ, Албин Планинц) и дојдов до рејтинг од 2460, што во тој момент беше доволно за да се најдам на 120. место на листата на ФИДЕ за шахистите од целиот свет. Ја освоив титулата „југословенски мајстор“, титулата „ФИДЕ мајстор“, а во исто време ја натфрлив и нормата за Интернационален мајстор и воедно постигнав рејтинг норма како за велемајстор. Шаховскиот сојуз во 1971 година ме прогласи за најдобар шахист на Македонија за таа година, во која не беше организирано републичкото првенство. Но, потоа во јануари 1972 година се организираше републичко првенство, кое беше именувано дека се однесува за 1971 година!? Јас на тоа првенство се најдов на делба од трето до шесто место, што мислам дека се должеше на исцрпеноста од претходните турнири, како и на фактот дека секој ден одев на работа. За да биде сплетката уште позамрсена, до крајот на таа 1972 година не се организираше друго првенство бидејќи сите напори беа сосредоточени да се организира Шаховската олимпијада во Скопје.

ДЕРБИ: Настапот и резултатите од овој турнир и од денешен аспект изгледаат чудесно, дали сметате дека тоа е зенитот на Вашата кариера?
– Дефинитивно, тоа е мојот најголем успех во шаховската кариера. Мислам дека мојот сензационален резултат и постигнатиот фантастичен подвиг од тој турнир, долго време ќе остане ненадминат. Потсетувајќи на тој турнир, никогаш нема да ја заборавам победата во четвртото коло, над трикратниот првак на Југославија, ВМ Драгољуб Велимировиќ – Драшко, иако на партијата со него задоцнив цели 45 минути! Турнирот се играше на Средно Водно, па организиран ни беше превоз со такси. Но, возилото кое го чекавме заедно со Софревски и Ничевски, не се појави во закажаното време и додека се снајдовме, помина многу време. Сепак, успеав да победам, без да влезам во цајтнот!

ДЕРБИ: А кои беа Вашите следни успеси, како стигнавте до титулата Интернационален мајстор?
– Откако го забележав успехот на „Турнирот на солидарноста“, а во отсуство на републички првенства, започнав да играм на странски турнири. Повторно, шах играв само за време на годишниот одмор, па и темпото на успесите беше побавно. Во 1974 година на меѓународниот турнир во Приморско, Бугарија, на две кола пред крајот бев водечки, заедно со ИМ Пшибил, но во претпоследното коло загубив во добиена позиција и ми недостигаше половина поен за нормата. Чекав до 1979 година, кога во Катанцаро, Италија, бев третопласиран, без пораз, со што ја натфрлив нормата за Интернационален мајстор . Во тоа време постоеше пракса, ако на еден турнир си освоил половина поен над нормата, а на друг половина поен под нормата, да ти ја признаат титулата, но јас не добив позитивен одговор од ФИДЕ. Играв шах се до 1992 година, но веќе не бев толку „загреан“ како во младоста. И одеднаш, во 1994 година, по осамостојувањето, тогашниот генерален секретар на Шаховскиот сојуз на Македонија, Лазо Јанчев, ми кажа дека првенствата на Југославија имале третман како меѓународни турнири. Направивме истражување и тој пресмета дека со мојот резултат (освоено 12 место меѓу 40 шахисти) постигнат на југословенскиот шампионат во Загреб 1977 година, всушност се квалификува како исполнета норма за Интернационален мајстор! Се обратив до ФИДЕ за признавање на таа титула и тие веднаш ми ја верификуваа на конгресот во Париз во 1995 година.

ДЕРБИ: Кој ви беше последен турнир во кариерата?
– Во 1992 година играв во Бургас, Бугарија. Тоа беше непосредно по осамостојувањето на Македонија и кога организаторите на мојата маса го напишаа и името на земјата која ја претставувам, имаше реакции од грчките играчи. Бугарските организатори им посочија дека нивната држава ја признала нашата земја под уставното име и дека тие имаат обврска да ја почитуваат таа одлука. Грците се закануваа дека ќе го напуштат турнирот, па љубезните организатори дури ме замолија да им посочам други играчи од Македонија што би можеле да дојдат доколку тоа се случи. Но, турнирот започна според планираното, а среќата сакаше јас да играм со еден од грчките играчи, Враготерис. И ден денес ми е мило на душата кога ќе се присетам како го надиграв при иста материјална состојба, со мошне убава и прецизно одиграна завршница. На крајот, ми подаде рака и ме покани на пиво. Шахот ја има таа сила да ги зближи и најголемите противници. По овој турнир се повлеков и немав можност да настапам за македонската репрезентација на некое Европско првенство или Олимпијада, што ми е неостварена желба. За утеха, во периодот од 1977 до 1984 година седум пати бев прва табла на Македонија, кога игравме на турнирите за републиките и покраините во поранешна СФРЈ.

ДЕРБИ: А дали можете да издвоите некого што бил Ваш најтежок противник?
– Бидејќи верував во себе, како и во тоа дека можам да се носам со секого, уживав во играњето шах. Научив да ги ценам ривалите по тоа колку се посветени на играта, колку време посветуваат на подготовките и шаховското усовршување, односно не ги гледав меѓусебните резултати, кои најчесто беа во моја корист. Мојот брат Борче, како и ИМ Софревски и ИМ Ничевски, вложуваа многу труд и имаа сериозен пристап. Меѓу нив отсконуваше ИМ Јован Софревски, кој неспорно беше голем шаховски талент, а истовремено и голем шаховски работник. Тој постојано читаше, истражуваше, запишуваше. Кога и да го посетев приватно, ќе го најдев опкружен со петнаесет, дваесет тетратки, со запишани партии од ривалите. Знаеше кој што игра и како игра, што знае, а што не знае. Се сеќавам дека во 1977 година на првенството на СФРЈ во Загреб учествуваа 40 шахисти, а јас настапив како осма резева по основ на рејтингот, покрај Ничевски којшто беше директно пласиран како државен шампион од 1976 година. Јас повторно имав патешествие и непроспиена ноќ на релација Скопје – Загреб, а требаше да играм со Словенецот Јанез Барле, во тоа време интернационален мајстор во голем подем, којшто во Хрватска доаѓаше откако бил во Русија и освоил „бал“ за велемајстор. Разговарав со Софревски и тој ми рече „Играј си француска, ти најдобро го знаеш тоа“. Ми покажа една варијанта за којашто веруваше дека не му е позната на противникот и јас играјќи ја таа успеав да победам, што ми даде одличен старт и силни противници во натамошниот дел, па поради тоа и успеав да стигнам до резултат како што е норма за интернационален мајстор. Од друга страна, со Ничевски станавме соседи, па и со него одржував одлични односи. Тој знаеше да инспирира со муабетите, беше навистина начитан човек, знаеше да прикажува, да рецитира, беше популарен, а во шахот најмногу го ценев неговиот квалитет да игра бестрашно.

ДЕРБИ: За Вас се говори дека сте рекордер по одиграни симултанки, односно дека сте учествувале на преку 250. Како успеавте да стигнете до таква бројка?
– Со активно занимавање со шах претстанав во 1991/92 година, но и пред тоа, а најмногу потоа играв симултанки, не само во Македонија, туку и во странство. Сум играл со ученици, студенти, војници, пензионери, секогаш со идеја да го промовирам шахот и придобивките од оваа игра. Голем дел од симултанките се организирани во соработка со некои служби каде се негуваше шаховската игра, па така многупати сум играл со противници од Армијата или од Министерството за внатрешни работи, каде што секогаш имало голем број на шаховски ентузијасти. На една симултанка во Управата за заштита од пожари при МВР играв на 58 табли, цели пет часа!

ДЕРБИ: Направивте неколку изненадувачки настапи на турнирите по „официјалниот“ крај на кариерата, на што се должеше тоа?
– Освен што играв симултанки, не играв на турнири, но се случи да се активирам по пауза од 15 години, по покана од шаховскиот клуб „Тетекс“. Мојот колега ИМ Никола Васовски кој имаше освоено титула во поединечна конкуренција, беше републички првак на Македонија,  упорно инсистираше да настапам за ШК Тетекс на шаховскиот куп натпревар во 2007 година. Се играше во Музеј на градот Скопје, на четири табли. Без голема самодоверба седнав повторно да играм и мислејќи дека ќе бидам делегиран на некоја од последните табли, но на мое изненадување дознав дека ќе играм на прва табла за клубот. Имав шанса да играм со најдобрите играчи од новата генерација, вклучувајќи го и Филип Панчевски кого што го совладав и на крајот од турнирот имав три победи и две реми, односно четири од пет можни бода. Потоа, во 2015 година кога во Скопје се одржуваше Европскиот клупски куп, како домаќини имавме можност да делегираме повеќе екипи. Повторно играв на прва табла (овојпат за „Центар“), а во конечниот пласман изборивме резултат кој беше 10 места над нашиот почетен ранг. Сфатив дека во шахот нема заборав, она што си го научил, си го научил за цел живот. Во 2014 година добив и награда за животно дело од Сојузот на спортови за Град Скопје, заедно со други легендарни спортисти и спртски работници од Македонија.

Александар Табаковски
Фото: Архива на Димитар Илиевски

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни