Ифланд и ЛоБуе загосподарија со карпите среде Атлантикот

Photo credit: Dean Treml / Red Bull Content PoolPhoto credit: Dean Treml / Red Bull Content Pool

Австралијанката Ријана Ифланд повторно се врати во победничка форма во рекорден манир за време на натпреварувањето на Азорските острови во Португалија, на третата станица од сезоната 2018 во светската серија, престигнувајќи ги своите ривали со највисокиот досега постигнат целокупен резултат во женското натпреварување. Двократната а воедно и актуелна шампионка исто така доби и рекордна „десетка“ за скокот од карпите на својот пат кон победата, додека нејзината победничка изведба беше скок со најголем коефициент на тежина досега изведен од жена. Мексиканката Адријана Хименез заврши како втора, а Канаѓанката Лисен Ричардс на третото место.

Во машкото натпреварување, во фасцинантното финале Стивен Лобуе се искраде покрај неговиот земјак Дејвид Колтури, кој претходно го имаше највисокиот резултат за индивидуална изведба кај мажите, а со последниот скок во денот ја обезбеди својата втора победа во низа. Поздравен од илјадници гледачи во бродчиња и кајаци, поранешниот шампион Гери Хант од Англија ги комплетираше првите тројца во својот многу потребен прв подиум оваа сезона.

Препознатливата „тројна коцка“ на Хант го вивна победникот на 30 натпреварувања повторно меѓу првите тројца, откако требаше да се справи со менталната блокада за неговите вртливи нуркања на почетокот од сезоната. Зголемената самодоверба евидентна на третиот настан оваа година се почувствува и кај 29-годишниот Колтури, кој моментално го има рекордот за најтежок скок од карпи, кој што претставува скок наназад со две салта и пет вртења. Со „деветки“ од судиите, тој не само што се искачи на едно место повисоко на подимот по освоеното трето место во Шпанија пред две недели, туку направи и американска двојка на подиумот со својот стар пријател Лобуе. За 33-годишниот скокач од Флорида ова е петта индивидуална победа во кариерата од 27 метри, втора на вулканските карпи по 2014 година и сега недвосмислено води на табелата пред Михал Навратил од Чешка, кој се пласираше на четвртото место, додека рекордерот Колтури е трет.

– Супер чудесно е секогаш кога ќе освоите подиум. Оваа локација е особено голем предизвик зашто се скока меѓу карпите, океанот се надига, а сите успеваат да дадат се од себе, Дејвид направи неверојатно вртење, Гери Хант се врати, пак го прави своето големо вртење, и тоа се додатни фактори кои го прават предизвикот уште поголем. Секогаш кога ќе успеете да извојувате победа при такво сценарио е навистина посебно,-  изјави победникот Стивен Лобуе.

Речиси на половина од сезоната, актуелниот шампион Џонатан Паредес од Мексико е на петтото место во генералниот пласман, по разочарувачкото шесто место од скокот од карпи, а шесткратниот шампион Хант сега е на три позиции погоре, на осмото место. Минатогодишниот победник на оваа станица Орландо Дуке од Колумбија не можеше да учествува заради повреда на прстите од нозете која ја доби во петокот, на загревањето пред натпреварот.

Настанот беше рекорден и за женското натпреварување, бидејќи 26-годишната Ифланд оствари сеизмички момент од вулканските карпи на португалските Азори, изведувајќи совршено нуркање директно од гребенот за да ја освои втората досега доделена 10-ка во женска конкуренција. Ова е скок за паметење од почетокот на нејзината кариера досега, двојно салто кон напред со едно и половина вртења, со кој како стрела ги пресече брановите на средниот Атлантик. Сега тоа е најдобар резултат кој се бара за скокови во женска категорија (71,50 поени). Откако ја немаше на подиумот двапати од отворањето на сезоната во Тексас, Австралијанката се врати во стил кој прилега на двократен светски шампион. Во водството после првиот круг, Австралијанката ја осигура победата со триумф во сите скокови од платформата поставена на висина од 21 метар, по што славеше на „најчистокрвната“ од сите натпреварувања, со највисок резултат во натпреварувањето досега.

– Првото натпреварување во Тексас беше малку разочарувачко, бев малку вознемирена, но тоа некако ме мотивираше и ме поттикна да дадам се од себе за ова ново нуркање, кое штотуку го комплетирав во натпреварувањето и во облаци сум заради тоа. Пресреќна сум за резултатот и што повторно сум на врвот од подиумот на ова натпреварување, но тоа само значи дека е време да се трудам и да уживам до крајот на серијата,- изјави австралиската спортистка Ифланд.

Второпласираната во Португалија, Хименез, се уште води во генералниот пласман кај жените, додека Ифланд сега е втора, а изненадувањето со вајлд-карта, Џесика Макалеј од Велика Британија е на фантастичното трето место од табелата, откако заврши шеста на Азорскиот архипелаг и уште еднаш стана најдобра дебитантка.

Од најчистата и најдалечна станица на светската серија во средината на Атлантскиот океан, елитата на скоковите од карпи за две недели се враќа во живописниот Сисикон, во швајцарските Алпи, каде што жените за првпат ќе нуркаат во езерото Луцерн.

Photo credit: Romina Amato / Red Bull Content Pool
Photo credit: Romina Amato / Red Bull Content Pool

Резултати (мажи):
1. Стивен Лобуе (САД) 405,35 поени, 2. Дејвид Колтури (САД) 404,80 поени, 3. Гери Хант (Велика Британија) 400,20 поени, 4. Михал Навратил (Чешка) 369,55, 5. Крис Коланус (Полска), 360,55 поени, 6. Џонатан Паредес (Мексико) 358,20 поени, 7. Енди Џонс (САД) 357,85, 8. Никита Федотов (Русија) 292, 15 поени, 9. Славик Коесников (Украина) 287,80 поени, 10. Виктар Маслоуски (Белорусија) 280,55 поени, 11. Серџо Гузман (Мексико) 229,05, 12. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 221,10, 13. Алесандро Де Росе (Италија) 189,85 поени

Резултати (жени):
1. Ријанан Ифланд (Австралија) 324,95 поени, 2. Адријана Хименез (Мексико) 294,30 поени, 3. Лисен Ричард (Канада) 285,80 поени, 4. Јана Нестссиарава (Белорусија) 281,30 поени, 5. Џесика Маколи (Велика Британија) 280,30 поени, 6. Џинџер Хјубер (САД) 255,80 поени, 7. Ана Бадер (Германија) 252,40 поени, 6. Антонина Вишиванова (Украина) 248,00 поени, 9. Жаклин Валенте (Бразил) 241,10 поени, 10. Еленор Таусенд Смарт (САД) 172,90 поени.

Табела (мажи):
1. Стивен Лобуе (САД) 470 поени, 2. Михал Навратил (Чешка) 360 поени, 3. Дејвид Колтури (САД) 330 поени, 4. Крис Коланус (Полска) 310 поени, 5. Џонатан Паредес (Мексико) 260 поени, 6. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 250 поени, 7. Енди Џонс (САД) 220 поени, 8. Гери Хант (Велика Британија) 210 поени, 9. Алесандро Де Росе (Италија) 139 поени, 10. Серџо Гузман (Мексико) 110 поени.

Табела (жени):
1. Адријана Хименез (Мексико) 360 поени, 2. Ријанан Ифланд (Австралија) 310 поени, 3. Џесика Мекали (Велика Британија) 250 поени, 4. Лисен Ричард (Канада) 220 поени, 5. Ана Бадер (Германија) 190 поени, 6. Јана Нестсиарава (Белорусија) 180 поени, 7. Џинџер Хјубер (САД) 130 поени, 8. Еленор Таусенд Смарт (САД) 70 поени, 9. Марија Паула Кинтеро (Колумбија) 50 поени, 10. Антонина Вишиванова (Украина) 50 поени.

Facebook Коментари