Поврзете се со нас

Македонија

Иџе „се чекираше“ на Монца: Стартува ТЦР Италија, најавата е бомбастична!

Објавено

на

Photo: Igor Stefanovski Facebook page

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе преку социјалните мрежи објави дека се подготвува за стартот на првата трка од првенството на Италија за возила со ТЦР хомологација.

Организаторите пријавија рекорд од 27 учесници, но сите погледи ќе бидат вперени во бранителот на титулата Салваторе Тавано, кој ќе се обиде да стигне до четвртиот шампионски наслов во низа. Тавано ќе вози Купра Леон, додека Иџе ќе се потпре на досегашниот автомобил Хјундаи, со кој е присутен во ТЦР трките веќе четврта година.

Стефановски е двократен европски првак на ридски патеки, но имаше многу малери во трките на кружни патеки. Пред да влезе во ТЦР првенството со Хјундаи, тој ги имаше најдобрите резултати како победник на трки во ФИА ЕТСС, при што во 2017 година се бореше за титулта со Чехот Петр Фулин, но не успеа да слави.

Оваа година во ТЦР Италија како странци ќе возат и Анти Бури, кој е актуелен шампион на ТЦР Германија, а меѓу останатите попознати имиња се Евгени Леонов (учесник на ТЦР Европа) и Душан Курил од Чешка, кој во 2019 година беше трет на ТЦР Источна Европа.

Од италијанските возачи меѓу позначајните ривали се очекува да бидат Никола Балдан (шампион од 2017 година), Ерик Бриљадори кој лани беше втор, како и Кевин Чекон, поранешен победник на трка од светското ТЦР првенство.

– Оваа година ќе настапуваме во италијанскиот ТЦР шампионат. По најавите што се кажани, ќе има исклучително добри возачи и бројката (на учесници – н.з.) ќе биде многу висока. Повторно настапувам со тимот ПМА од Италија, со кои и лани направивме одлични резултати, барем на оние трки на кои што имав можност да настапам,- рече Стефановски во видео обраќањето преку социјалните мрежи.

Иако најави дека очекува да биде потешко, македонскиот пилот сепак не испушти да каже дека го има подготвено македонското знаме кое сака да го развиори во празничниот викенд од легендарната Монца.

– Јас ќе се потрудам да ве израдувам максимално, да го развиорам  македонското знаме од највисокото место на пиедесталот, иако ќе биде тешко со овие тимови и со овие возачи. Но, сепак мислам дека ќе се претставиме добро. Благодарам за поддршката што ми ја давате, поздрав до целата македонска јавност, се гледаме викендов,- порача Иџе.

Трките се предвидени да се возат в сабота од 13.35 часот и в недела од 10.05 часот.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни