Ибраими во самата завршница и донесе драматична победа на Шкендија, Академија Пандев го презема врвот

ibraimi vs renova

Програмата од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига продолжи со четири натпревари ова попладне, а наспроти новата победа која ја оствари Академија Пандев, за издвојување е драматичниот триумф кој го оствари актуелниот шампион.

Шкендија многу потешко од очекувањата оствари победа на гостувањето во Кратово, бидејќи стигна до три бода против тимот на Силекс со погодок постигнат во последната акција. Бесарт Ибраими со својот нов гол повторно беше херој за тетовските „црвено-црни“ со лобот кој го изрежира во 94-та минута, а претходно во листата на стрелците се запишаа Бојку за гостите, односно Грозданоски за Силекс.

Крајно возбудливо беше и на мечот во Пелагонија, бидејќи Академија Пандев остана на врвот на табелата по вистинската голеада во мечот со Победа. „Пандевци“ имаа водство од 0:2 со головите на Миловановиќ и Шиков, Победа се врати во игра со погодоците на Ефремов и Мустафов, но гостите постигнаа уште два гола во продолжение. Миловановиќ со својот втор гол повторно го врати водството на гостите, а конечните 2:4 ги постави Дориев од пенал.

На останатите два меча, Шкупи ја победи Македонија со 2:1, а Беласица славеше на гостувањето кај Ренова со 0:2.

Facebook Коментари