Иако имаше договор, Маркез и Хонда се обврзаа со нов!

mark markez vo desen svion testiranje 2018

Актуелниот шампион во Мото ГП, Марк Маркез, денеска објави дека го продолжил договорот со сегашниот тим, Репсол Хонда.

Како Шпанец, тој беше на „пол-позиција“ да остане како лидер во тимот кој е спонзориран од тамошната нафтена индустрија. Продолжувањето на договорот е направено на две години, а ќе започне од 2019 година.

Маркез се етаблираше како голема надеж во 2010 година кога стана светски првак во класата за мотоцикли со зафатнина на моторот до 125 сантиметри кубни, а во 2012 ја освои и класата Мото 2. Во „кралската класа“ дебитираше во 2013 година и успеа да стане најмладиот светски првак во овој спорт. Со четвртата титула во 2017 година, тој ја оправда довербата во него, станувајќи најмладиот возач кој некогаш стигнал до четири светски наслови.

Само Хорхе Лоренцо успеа да стане светски првак во 2015 година и накусо да ја прекине доминацијата на Маркез и Хонда, при што приврзаниците на Валентино Роси го обвинија токму младиот Шпанец дека му давал поддршка на сонародникот, возејќи на штета на Италијанецот. Маркез има 90 стартови во Мото ГП класата, 63 финиши на подиумот, од кои 35 како првопласиран. Дополнително, има освоено 45 пол позиции и 37 најбрзи круга.

– Возбуден сум што продолжувам да се натпреварувам за фабричкиот тим на Хонда во Мото ГП класата. Горд сум што сум член на ова семејство, каде што Хонда и тимот прават се што можат за да ми ги дадат најдобрите услови. Сакам да се заблагодарам за поддршката што ми ја даваат во текот на годините. Првите тестови поминаа добро и сега со обновениот договор, можам да се фокусирам на трките од новата сезона,- вели 25-годишниот Маркез во официјалното соопштение.

Facebook Коментари