Хант победи во скокачкиот дуел со ЛоБуе од покривот на операта

Photographer Credit:
Romina Amato/Red Bull Content PoolPhotographer Credit: Romina Amato/Red Bull Content Pool

Англичанецот Гери Хант и Американецот Стивен ЛоБуе имаа возбудлива борба од покривот на зградата на кралската опера во Копенхаген, со тоа што Британецот сепак триумфираше на петтата станица од сезоната, остварувајќи хет-трик победи на оваа локација. Публика во пристаништето беше проценета на околу 45 илјади, (и на земја и во вода), при што со воодушевување гледаа како ривалите за титула ги уриваат рекордите пред нивите очи.

Прво ЛоБуе, а потоа и Хант, го урнаа претходниот рекорд на конкурентите со изведување на скокови според највисок коефициент на тежина: Британецот освои две десетки за своето последно нуркање со што го надмина најдобриот резултат за еден скок. Мексиканецот Џонатан Паредес исто така го имаше својот најдобар настап во сезоната од 27-метарската платформа и заврши како трет, со што останува во конкуренција за одбрана на „Трофејот на Кралот Кахекили“.

Со беспрекорното нуркање во првата рунда, брилијантниот Британец Хант ја освои стотата десетка во историјата на светската серија. Триесет и четиригодишниот спортист изведе совршени 3 салта со вртење навнатре и половина твист, во ветровити услови среде данското пристаниште, а тоа значи дека овој значаен резултат го постигна во својата десетта јубилејна сезона во овој спорт. Вчудоневидувачката последна серија на скокови, под голем притисок, му обезбеди на рекордерот да продолжи со своето враќање во впечатлив стил, и тоа на на најсеверната локација од календарот за 2018 година.

– Не знаев колку се високи резултатите во последната рунда, знаев само дека сакам да имам силен крај. Во Швајцарија завршив со не многу добро нуркање, па сакав да го завршам шоуто со кулминација и потоа открив колку била добра последната рунда. Прекрасно е кога ќе излезеш од водата овде, во Копенхаген и ќе те дочека аплауз од огромната толпа пред тебе. Тоа многу ми го поткрева моралот и сакам пак да се вратам овде. Целта за освојување на серијата се уште е апсолутно возможна за достигнување, се може да се случи во овој спорт. Јас ќе дадам се од себе. Ќе ги изведам најдобрите нуркања, па ќе видиме што ќе биде,- изјави Гери Хант.

Photographer Credit: Esben Zøllner Olesen / Red Bull Content Pool
Photographer Credit:
Esben Zøllner Olesen / Red Bull Content Pool

Оваа 70-та станица од светската серија ќе влезе во историјата и за скокачот од Флорида ЛоБуе, кој го изведе својот препознатлив скок „Quint Half“ и за прв пат освои две десетки од судиите откако го воведе овој скок во 2013 година. Очигледно решен да ја освои титулата, 33-годишниот спортист ќе мора да го одржи тоа високо ниво ако сака да го задржи засилениот Хант.

– Со оглед на околностите, студеното време и чудесно високите резултати, јас сум супер среќен. Знам дека ќе има уште борба особено откако Гери извојува две победи по ред, но тоа што завршив втор е се што можам да направам за да го задржам него. Имав фантастичен сет од нуркања. Изведов едно нуркање за осумка, тоа ми беше најнискиот резултат, затоа е неверојатно што завршив втор. Многу бев возбуден за последното нуркање, особено затоа што освоив неколку десетки. Сум имал по една десетка неколку пати, но тие биле расеани. Навистина ќе се сеќавам на оваа што сум ја задржал, особено за толку чудесно нуркање. Битката за финишот се вжештува, претпоследната станица ќе биде решавачка за тоа што ќе се случува. Имаме уште два натпревари, морам да завршувам на високо ниво ако сакам да останам во конкуренција, па веќе сум со умот во Мостар, но нема да избрзувам,- порача Американецот ЛоБуе.

Со оцени кои не беа пониски од 8,5 а доделени од од петмината меѓународни судии, и тоа за сите четири нуркања, актуелниот шампион Паредес исто така имаше одличен настап во данската станица, што за него претставува трето искачување на подиумот на петтиот настап оваа година.

– Нивото на конкуренцијата расте многу брзо и сите се многу постојани, особено во изборните рунди со најтешките нуркања,- изјави 29-годишниот шампион. – Искрено, јас со третото место се чувствувам многу добро.

Пред нуркачката елита да се врати во Босна и Херцеговина за претпоследниот натпревар, состојбата на табелата останува непроменета, со мајсторот за вртење ЛоБуе се уште на врвот, пред вчерашниот победник Хант, кој го поттурна Паредес на третото место со својата 32 победа од 2009 година.

Од панорамската глетка наспроти палатата Амалиенборг во срцето на данската престолнина, мажите и жените од светската серија патуваат за Мостар, каде фанатиците на овој спорт нетрпеливо ги очекуваат естетските изведби од светски познатиот мост за две недели.

Резултати (Копенхаген, Данска): 1. Гери Хант (Велика Британија) 453,70 поени, 2. Стивен ЛоБуе (САД) 431,80, 3. Џонатан Паредес (Мексико) 419,75 поени, 4. Алесандро де Росе (Италија) 403,85 поени, 5. Енди Џонс (САД) 393,70 поени, 6. Серхио Гузман (Мексико) 380,05, 7. Константин Поповичи (Романија) 375,10, 8. Крис Коланус (Полска) 357,60, 9. Олексиј Пригоров (Украина) 340,70, 10. Никита Федотов (Русија) 338,70.

Табела (по 5 од 7 натпревари): 1. Стивен ЛоБуе (САД) 700 поени, 2. Гери Хант (Велика Британија) 610 поени, 3. Џонатан Паредес (Мексико) 550 поени, 4. Енди Џонс (САД) 440 поени, 5. Михал Навратил (Чешка) 410 поени, 6. Крис Коланус (Полска) 400 поени, 7. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 368 поени, 8. Алесандро де Росе (Италија) 339 поени, 9. Дејвид Колтури (САД) 330 поени, 10. Серхи Гузман (Мексико) 240 поени.

Facebook Коментари