Поврзете се со нас

Формула 1

Хамилтон за „Дерби“: Ако не ја освојам титулата, тоа ќе биде по вина на Мерцедес!

Објавено

на

Луис Хамилтон влегува во финишот на сезоната со дефицит од 23 бода во однос на Нико Розберг, што го враќа на ситуацијата во пресрет на летото кога успеа да му се доближи на тимскиот колега кој ја започна сезоната со четири победи во низа. Хамилтон прејде во водство, но поради искористениот лимит на пет мотори веќе имаше еден казнен старт од опашката на колоната во Белгија, но на претходната трка во Малезија повторно се запали неговиот погонски агрегат, па сега Розберг води со 288 наспроти 265 бода.

Токму за време на гран-при викендот во Австрија, Хамилтон во разговор со уредникот на „Дерби“, Александар Табаковски, изјави дека верува во можноста да биде шампион по трет пат во низа, а како единствена можна пречка ја наведе издржливоста на болидот.

ДЕРБИ: Имајќи ги предвид резултатите на возачите од „Ред Бул“ и „Ферари“, кои на последниве трки редовно се на подиумот, дали очекувате нивниот притисок да се зголеми до крајот на сезоната или пак можете да бидете сигурни дека дуелот за титулата ќе биде само меѓу тебе и Нико?

– Не може да се биде сигурен во ништо. Тие направија голем исчекор, не знам колку бодови сме оддалечени во моментов, но титулата е се уште достапна за сите. Ако почнат да победуваат во трките, очигледно е дека би можеле да се вмешаат во борбата, но во моментов ние сме во водство и сакаме тоа да остане така, но не можам да предвидам што ќе се случи. Ние сакаме да си го сработиме нашиот дел, да ја освоиме титулата со тоа што ќе останеме пред нив.

ДЕРБИ: Како мислите дека ќе продолжи шампионатот во однос на таа борба меѓу вас и Нико?

– Мислам дека сезонава покажа дека се може да се случи, имаше многу подеми и падови, во последните трки имаше агресивност од двете страни и никој не може да знае дали тоа ќе продолжи така, а можно е да бидеме концентрирани, или тоа да биде само од едната или од другата страна, тоа е возбудливата страна на трките.

ДЕРБИ: Розберг имаше интересен одговор откако по првите четири победи во сезоната му беше презентирана статистиката дека таквите примери досега завршувале со освојување на титулата. Тој рече дека другите го немале Хамилтон за противник, па дали гледате на тоа како голем чекор на Нико кон признавање на фактот дека сте побрз од него?

– Мммм, мислам дека тоа не е чекор, зашто ние отсекогаш сме имале почит за брзината на другиот, така што не гледам на тоа како на нешто ново, едноставно првпат му беше поставено тоа прашање. Тој знае колку сум брз уште кога имавме по тринаесет години, и тоа е таа почит која и понатаму ќе ја имаме.

ДЕРБИ: Дали ќе ви биде жал ако ја изгубите титулата оваа година во дуел со него?

– Верувам дека доколку се случи да ја загубам борбата за титулата оваа сезона тоа ќе биде само поради една причина, а тоа е издржливоста на болидот. Ако тоа се случи, ќе биде навистина тешко, но јас не можам не можам да направам ништо во врска со тоа.

ДЕРБИ: Мерцедес е водечки во Формула 1 последниве три сезони, но какво е вашето лично чувство во однос на тоа дали е искористен максималниот потенцијал на болидот или пак можеби има дополнителен простор за да бидете побрз.

– Тоа се менува од еден до друг викенд. Генерално, во минатите две сезони, повеќе пати успевав да го добијам максимумот од болидот, отколку што не успевав. Но во 2015 беше потешко затоа што болидот беше поусовршен. Сега, во 2016, пак е потешко, воедно потешко е и да направиш разлика од тимскиот колега, бидејќи и тие учат од она што ти го правиш. Минатите две сезони мислам дека успеав да стигнам до титулата благодарение на тоа што во повеќе случаи успевав да имам предност на патеката.

ДЕРБИ: Како се подготвувате за една трка, дали имате некоја посебна рутина или пробувате различни нешта?

– Генерално, се потпираме на возењето во симулаторот и на голем број состаноци на кои што разговараме за стратегијата, правилата, контролните уреди, за гумите, за да бидеме сигурни дека кога ќе дојде трката, сме ги поминале сите ставки.

ДЕРБИ: Кога почнувавте во Мерцедес, не бевте задоволен од тоа што има само еден стратег за двајцата возачи. Дали се уште мислите дека е потребно да имате различни стратези со Нико?

– Генерално, се уште имам сличен став, но така е, како што е! Човекот што работи на тоа место одлично си ја врши работата, но јас сепак не сум го сменил ставот. Неговата работа одлично се покажа оваа година, за доброто на сите. Затоа, немаше никаков проблем.

hamilton-zapalen

– ДА СЕ ВРАТИ МАНУЕЛНИОТ МЕНУВАЧ –

ДЕРБИ: Што очекувате дека ќе се случи со промената на правилата во 2017 година?

– Болидите ќе изгледаат многу поинаку, лично не мислам дека тоа е добра промена, но се надевам дека ќе се докаже спротивното и би бил среќен ако тоа се случи. Инаку, како и при секоја промена на правилата ќе има ситуации во кои што некој ќе биде подобро подготвен, а некој како „станат на лева нога“. Ќе има поголема мешаница на почетокот од сезоната додека трае усовршувањето на новите болиди, така што очекувам поредокот да биде измешан и да биде поинтересно (забелешка на авторот: интервјуто е водено пред ГН Австрија на почетокот од јули 2016 година, но неколку седмици подоцна беше објавено дека дел од новите правила ќе бидат пролонгирани за 2018 година).

ДЕРБИ: Дали ви се допаѓа тоа што гумите ќе бидат пошироки? Дали на Формула 1 и е потребен поголем механички отколку аеродинамички контакт со подлогата?

– Да, проширувањето на гумите преставува добра насока! Имаме потреба од уште подобри гуми за уште подобар контакт со подлогата. Во моментов, сигурен сум дека околу 60% од контактот со подлогата доаѓа од пневматиците, додека другото треба да го добиеме од разни развојни решенија кои ќе ни овозможат да работиме на механиката, а помалку да се потпираме на аеродинамиката. Но ние не го правиме тоа! Ја зголемуваме улогата на аеродинамиката, а ќе имаме само пошироки пневматици и само заради нивната поголема нагазна површина ќе имаме поголемо учество на механичкиот контакт со подлогата. Колку што ми е познато, ќе останат истите технологии кои ги имаме и сега, во однос на гумите.

ДЕРБИ: Дали има некое правило што вие би го предложиле и би сакале да го видите во идните болиди на Формула 1?

– Би сакал да има нормален волан, и мануелен менувач на степените на пренос, со три педали во кокпитот. Јас тоа го посакувам, но никогаш нема да се случи.

ДЕРБИ: Кога би имале машина за патување во времето, во која година од Формула 1 би посакале да се најдете?

– Во втората половина на осумдесеттите, на пример во 1988 година. Имав можност да го возам болидот на Сена од таа сезона и беше неверојатно. Многу ми се допадна.

ДЕРБИ: Дали би можеле да направите некаква споредба врз основа на тоа искуство и да прогнозирате дека на некоја патека би биле побрз од него и на која патека Сена би ве победил?

– Мислам дека не е возможно да се споредуваш себеси со некој што не е од твоето време. Сите ние знаеме за Аиртон, но само тој ги знаел своите силни и слаби страни. Можеби и неговите тимски колеги. Јас никогаш нема да го знам тоа.

ДЕРБИ: Што мислите за правилото кое забранува одредена комуникација по радио врска меѓу возачот и боксот, како што ви се случи вам на трката во Азербејџан?

– Понекогаш кога се носат правилата, тие не се совршени и треба да бидат изменети или допрецизирани. Правилото сега е такво какво што е, но таа трка се покажа дека има потреба да се доработи, бидејќи постојат слабости. Формула 1 треба да биде вистинска трка, и на навивачите не им е гајле дали некој прекинувач ви е вклучен или исклучен. Тие сакаат да видат прсстигнувања, трка на два болида еден покрај друг. Од позиција на еден навивач, којшто ја чека трката две седмици, за да види битка меѓу првите пет болиди, а да открие дека заради положбата на еден прекинувач погрешно поставен од тимот за кој тимот не смеел да му каже на возачот, всушност нема да има дуел. Тоа е досадно. Како да одиш на бокс меч, да платиш пари и да откриеш дека на боксерот не му е дозволено да се бори. Си седнал на местото за кое само Господ знае колку си платил, а потоа треба да си одиш дома.

lewis-hamilton-nico-rosberg

– АКО СЕ ПОВЛЕЧАМ, НЕМА ДА СЕ ВРАТАМ –

ДЕРБИ: Некои возачи сонуваат за предизвици надвор од Формула 1, како што е трката „24 часа Ле Ман“. Кој е вашиот сон?

– Досега мојот сон беше да освојам три титули, сега сум фокусиран да ја освојам следната. Гладен сум да ја освојам следната, тоа е предизвик, да се оди уште подалеку од она што ми бил сон како дете, а оваа година предизвикот е најтежок досега, со оглед на тешкотиите со кои што се соочувам. Во моментов немам желба да се докажувам во некој друг спорт, ги сакам трките од Мото ГП, но ќе бидам премногу стар, иако би сакал да се обидам, еден ден да возам Мото ГП, друг ден да возам автомобил на Наскар, потоа со рели автомобил и така натаму. Но во моментов немам желба да освојам друга титула освен во Формула 1, таа е врвот. Јас, лично, сум освојувал титули и во пониските категории, Формула 3, ГП 2, Формула Рено и картинг. Претпоставувам дека имам уште 6 или 7 години во Формула 1, и како што се развивам можеби ќе ме заинтересира нешто друго…

ДЕРБИ: А потоа ќе се вратите по неколкугодишна пауза во Формула 1?

– Нема да го направам тоа! Видов некои од најдобрите како го прават тоа и не беше добро. Крајната цел е да се откажеш додека си на врвот. Се надевам дека ќе успеам да се задржам на врвот во следниот период од мојата кариера.

ДЕРБИ: Мотоспортот вообичаено е поврзуван со рок музиката, но ти на некој начин си промотор на хип-хоп и рап музиката?

– Јас не ја промовирам рап музиката. Вистината е дека јас сум единственото црно момче во Формула 1 и кај некои поединци постои стереотип дека јас ја промовирам рап музиката затоа што сум црн. Јас не ни рапувам. Не велам дека вие го правите тоа, туку дека е така. Тоа што имам исеченици на фармерките и се облекувам поинаку не значи дека е така. Постојат само неколку црни музичари во рок музиката, исто како што постојат само неколку бели рапери. Но Еминем е одличен рапер, а Чак Бери е одличен рокер. Мислам дека во Формула 1 можеби е така затоа што била спорт во кој доминираат белци. Ако доминираа црнците, ќе се поврзуваше со блуз и „ар-ен-би“ и тогаш истото ќе се случеше ако имаше само еден белец, ме разбирате? Но јас ги сакам и двата правци, и рокенролот, Чак Бери ми е еден од омилените музичари. Ги сакам и Битлси и Ролинг Стонси.

– ДЕФОКУСАЦИЈАТА Е ДОБРЕДОЈДЕНА –

ДЕРБИ: Мошне сте активен на социјалните мрежи. Таму ги објавувате сите случки, па дури и рекламите што ги снимате за спонзорите. Дали тоа не ве дефокусира од трките?

– Да, дефинитивно, и тоа на добар начин. Нема потреба да се фокусирам на трките секој ден, и добро е да има каде да излезеш и да правиш нешто поинакво, без оглед дали е тоа глума, модна ревија или музика. За мене е важно, штом ќе заврши викендот, да не мислам на трките.

ДЕРБИ: Дали е тоа на некој начин справување со притисокот?

– Не би рекол дека тоа е поради притисокот, туку ако мислиш само на една работа предолго време, станува досадно. Затоа, убаво е да се прави нешто ново и да се одржува мотивацијата.

Lewis-bolid

Ова интервју премиерно беше објавено во „Клуб Мобилити“, септември 2016 година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни