Гвардиола за пораката која му ја упати на судијата Оливер: Тоа не беше саркастично, го кажав истото…

pep pokazuva

Ливерпул успеа да го добие Манчестер Сити во големото дерби во Премиер лигата и на тој начин да ја зголеми предноста на прволигашката табела, но овој дуел освен по триумфот на „црвените“ ќе остане запаметен и по спорните моменти во казнениот простор на домашниот состав.

Во два нврати имаше игра со рака во шестнаесетникот, меѓутоа ниту главниот судија Мајкл Оливер ниту неговите помошните или луѓето од ВАР собата не се огласија и не досудија најстрога казна за гостите од Манчестер. Сосема очекувано за ова има многу реакции, коментари, а така ќе биде и во наредниот период иако повеќе од јасно е дека тоа е завршена работа и сега ништо не може да се смени.

Пеп Гвардиола имаше бурни реакции за време на натпреварот за двете ситуации, а по дуелот отиде да му „честита“ на судијата Мајкл Оливер упатувајќи му ги следниве зборови „Многу ти благодарам, многу ти благодарам“.

Ова дефинитивно беше иронично од страна на шпанскиот стратег, ама Пеп за тој негов потег имаше друго објаснување.

-Нема да биде убаво да зборуваме за судиите по загубен меч. Прашајте го Мајк Рајли и големите шефови за тоа, мене не ме прашувајте. Не беше саркастично, беше „многу ти благодарам“. Го кажав тоа и по мечот со Тотенхем на домашен терен. Поголемиот дел од времето кога одам кон судиите и кон моите колеги, секогаш им велам „благодарам многу, со среќа“. За мене е непријатно затоа што изгледа како „ах, Пеп се жали“ – честитки до Ливерпул, 3-1. Не знам што ќе се случи во иднина,  дали ова или она ќе се случи во натпреварите. Никогаш не знаеме што ќе се случи во иднина. Ама за одлуките, прашајте ги големите шефови. Момците кои разбираат сè од играта, -порача Гвардиола.

Facebook Коментари