Поврзете се со нас

Лига на нации

Гранде Горан: Пандев со историски гол ја однесе Македонија на Европско првенство! (Видео)

Објавено

на

Натпреварот во Тбилиси меѓу Грузија и Македонија имаше огромен влог, но најважно од се е тоа што македонската фудбалска репрезентација за првпат во историјата ќе ја гледаме на едно Европско првенство, откако избраниците на Игор Ангеловски ја покажаа потребната дисциплина, одлучност и храброст во најважните моменти.

Македонија успеа да ја победи Грузија со 0:1 на „Динамо Арената“, а херојската улога му припадна на нашиот неповторлив капитен и миленик на цела македонска нација, големиот Горан Пандев.

По комплексното и на моменти здодевно прво полувреме во кое тактизирањето на двата тима дојде до израз, Македонија излезе многу похрабро во вториот дел, а погодокот за историја на фудбалерот на Џенова пристигна во најдобро можно време.

Елиф Елмас, Илија Несторовски и Горан Пандев креираа акција за паметење, по која капитенот мирно и во манир на голем стрелец ја покажа класата и постигна гол кој ја израдува цела нација и ни обезбеди фудбалска историја. Македонија до продолжение имаше неколку опасни контри и комотно можеше да постигне и втор гол, но сепак доволно златен беше оној на Гранде Горан за пласман на голем континентален собир.

Уште пред да се одигра финалниот бараж во Тбилиси, беше познато во која група ќе биде Македонија на Европското првенство доколку слави, па сега и официјално е дека нашите миленици ќе одат на мегдан со Холандија, Украина и Австрија.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни