Глигоров го одигра 200. натпревар за „црвено-црните“: Вардар е за мене сè

gligorov

Македонскиот фудбалски шампион Вардар го совлада Силекс со 3:1, а средбата ја одбележа и јубилејниот 200. натпревар на Никола Глигоров во дресот на „црвено-црните“.

Глигоров во Вардар играше на почетокот од својата кариера од каде се пресели во Србија, подоцна во сезоната 2008/09 повторно се врати, за третото враќање во 2014. година да трае најдолго и до овој момент со успех настапува за нашиот шампион.

„Голема чест е да се биде во Вардар, а уште поголема чест е да се играат 200 натпревари за клубот кој што за мене претставува сè. Се надевам дека ќе продолжам понатаму со настапи, се разбира во рамките на моите можности. Чувството е прекрасно. Ова е клубот на мојот живот, ова е клубот кој што ми даде се во кариерата. Сакам да се заблагодарам на моите сегашни и поранешни играчи, како и тренери, без кои овој 200-ти настап немаше да се случи“, вели Глигоров.

На средбата против Силекс, која за него беше посебна поради јубилејот, Глигоров успеа да постигне и гол, кој беше негов 11 погодок во дресот на Вардар. Сега следува и она вистинското, натпревари во групната фаза од Лига Европа.

„Драго ми е што на овој мој јубилеј најпрво успеавме да победиме, а потоа ми е драго за голот. И сето тоа доаѓа пред историскиот натпревар со Зенит, кога за прв пат ќе играме во групна фаза од европско натпреварување. Ја имав таа среќа во оваа година да прославам јубилеј, и клубот да испише историја, односно да игра во групна фаза од Лигата на Европа, нешто за кое многу генерации сонуваа. Во секој случај чувството е пракрасно и јас се надевам дека ќе продолжиме да ја пишуваме оваа историја со добри резултати во групната фаза, и да освоиме што е можно повеќе бодови“, додаде Глигоров за официјалниот сајт на тимот.

Facebook Коментари