Поврзете се со нас

АТП

Ѓоковиќ: Некои работи не се гледаат на телевизија, Надал имаше среќа

Објавено

на

Рафаел Надал беше за нијанса подобар од Новак Ѓоковиќ во одлучувачките поени во финалето во Рим и стигна до својата јубилејна десетта титула на овој Мастерс турнир, успех кој успеа да го круниса со одлична игра во третиот сет откако во вториот изгледаше доста немоќно.

Шпанецот го доби првиот сет со 7:5, вториот го загуби со 1:6, додека во третиот и одлучувачки сет пресуди еден брејк кој тој го направи во шестиот гејм за водство од 4:2. Пред да се случи тоа, Рафа спасуваше брејк топки на свој сервис, поради што Ѓоковиќ во својата анализа за мечот, посочи дека неговиот ривал имал и среќа во финалето.

– Да го добиев првиот сет, мислам дека можев да го приведам мечот до крај во два сета. Тоа е што е, бев блиску, имав брејк топки во третиот сет. На втората брејк топка тој добро одигра, ме фати на погрешна нога, додека на првата јас промашив форхенд. Беше неизвесно, тој имаше и среќа. Среќата беше на негова страна во тие моменти, но тоа е спортот. На едната страна на теренот беше многу полесно за играње, 90 проценти од брејковите доаѓаа кога се играше на полошата страна. Тоа не се гледа на телевизија, но ние играчите добро знаеме за што се работи.

– Кога ми направи брејк, игравме со истрошени топки, а тој беше на подобрата страна од теренот. На крајот, одигра подобро и мора да продолжам понатаму.

– Добра вест е што од саботата се чувствувам на теренот онака како што сакам. Се барав себеси на претходните турнири на земјена подлога, но тука ги тргнав сите сомнежи. Ако играм вака, можам да одам до крајот во Париз на Ролан Гарос, – заврши Србинот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни