Ѓоковиќ не му верува на Федерер: Секој играч има шпиони во тимот

novak-mikrofon

Вчера се одржа ждрепката за последниот грен слем во годината, по што стана познато во која половина се најдоа главните фаворити за освојување на Ју-Ес Опен, светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ, како и Рафаел Надал и Рожер Федерер како втори и трети носители.

Новак како бранител на титулата е главен фаворит за освојување на нов престижен трофеј, а судбината посака да се најде во иста половина со искусниот Федерер со кого пред нешто повеќе од еден месец ни понудија тениски класик на Вимблдон. Надал е во другиот дел од костурот и се очекува да има полесен пат до финалето, а додека тениските фанови и експерти прават калкулации за тоа кој со кого ќе вкрсти во четвртфиналето и полуфиналето, со прилично различни изјави излегоа Федерер и Ѓоковиќ.

Искусниот Швајцарец истакна дека воопшто не го гледал ждребот и дека не сака да знае со кого ќе игра во втората недела на грен-слемот, бидејќи како што вели тој, секогаш се фокусира само на првите мечеви кои се пред него. Федерер во првото коло ќе игра со квалификант, додека тежок испит може да има уште во третото коло кога би требало да се сретне со Пуј.

Рожер нагласи дека не го следел извлекувањето и дека многу поприродно е да оди од меч во меч, но за разлика од него, Ѓоковиќ излезе со изјава со која индиректно порача дека не му верува на Швајцарецот.

– Верувам дека најголем дел од играчите го гледаат ждребот. Дури и кога велат дека се фокусирани само на наредното коло, сигурен сум дека го гледаат комплетниот ждреб, гледаат со кого би се сретнале во подоцната фаза од турнирот. Мора да кажам дека секој во својот тим има „шпиони“ кои одат на другите терени и кои ги нагледуваат потенцијалните идни противници, – порача Ѓоковиќ.

Facebook Коментари