Ѓоковиќ и Надал одиграа три спектакуларни сета, полуфиналната драма на Вимблдон продолжува утре

Wimbledon Championships

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал значително покасно го почнаа второто полуфинале на Вимблдон поради маратонот кој го играа Андерсон и Иснер, но во првите три часа кои ги одиграа на централниот терен во Ол Ингланд клубот, двајцата мајстори понудија вистински тениски спетакл.

По одиграни три сета, Ѓоковиќ ќе замине со предност од 2:1 во сетови во мечот кој ќе се доигра утре, од едноставна причина што правилата во Англија налагаат да нема никакви спортски активности по 11 часот по локално време. Речиси три часа (2 часа и 53 минути) им требаа на Србинот и Шпанецот да одиграат три сета, а посебно возбудлив беше последниот во кој се играше тајбрејк.

Првиот сет му припадна на Ноле со 6:4, Надал возврати добивајќи го вториот со 6:3, додека најдоброто од себе го прикажаа во третиот во кој играа неверојатно израмнето до самиот крај. Во изедначениот тајбрејк, Надал пропушти три сет топки да поведе со 2:1, а на крајот тоа го направи Ѓоковиќ откако ја искористи втората сет топка за 11:9 во 13-та игра.

Полуфиналната драма ќе продолжи утре, а организаторите на Вимблдон дополнително ќе соопштат кога мечот ќе биде рестартиран.

Facebook Коментари