Гевгеличани осоколени по победата над МЗТ: Блокотехна продолжи фуриозно и во БИБЛ лигата

blokotehna

Блокотехна пред два дена прикажа фантастична игра и оствари огромна победа над МЗТ Скопје во домашното првенство, а иако немаше доволно време да закрепне од вложениот напор на овој меч, тимот од Гевгелија оваа вечер покажа истрајност и на мечот со Академик во БИБЛ лигата.

Македонскиот претставник во регионалното натпрварување успеа да стигне и до втората победа во пресметката со бугарскиот тим, овојпат на домашен терен во Гевгелија со конечни 80:71. Гевгеличани тргнаа фуриозно на овој меч и по првите две четвртини имаше предност од 22 поени (на полувремето беше 50:28), но откако се опуштија во продолжението, или поточно во последната четвртина, му дозволија на противникот да се избори за подостоен пораз од девет поени разлика.

Бенџамин со 18 поени беше најефикасен играч во редовите на Блокотехна, а значаен придонес во триумфот имаа и Мијатовиќ со 16, односно Боувен со 15 поени.

Facebook Коментари