Германската федерација ги искара Озил и Гундоган поради фотографија со Ердоган

DdIyIZ6WAAAe92j

Претседателот на Германската фудбалска федерација ги критикуваше репрезентативците Месут Озил и Илкај Гундоган кои вчера се фотографираа со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Озил и Гундоган имаат турскo потекло, но и двајцата се родени во Гелзенкирхен и одлучија да ги бранат боите на Германија на интернационално ниво.

Претседателот на ДФБ, Рајнхард Гриндел во официјално соопштение истакна дека не е добро за нив тоа што нивните репрезентативци се сликале со Ердоган, кој има воспоставено авторитарен режим во последните години.

– Германската фудбалска федерација ја почитува специјалната ситуација во која се наоѓаат нашите играчи кои имаат емигрантска позадина, но фудбалот и нашата федерација се залагаат за вредности кои Ердоган не ги почитува доволно. Затоа, не е добро што нашите интернационалци дозволија да бидат искористени за негов триумф во предизборната кампања. Ова сигурно не и помогна на нашата федерација- изјави Гриндел.

Месут Озил и Илкај Гундоган со сигурност ќе бидат во составот на репрезентацијата на Германија за Светското првенство во Русија. Координаторот на германскиот тим, Оливер Бироф исто така изјави дека е загрижен поради фотографиите, но истакна дека ќе разговара со двајцата.

– Се уште не се сомневам во посветеноста на Месут и Илкај да играат за Германија. Тие не беа свесни за симболиката на овие фотографии, но сепак ние тоа не можеме да го прифатиме и ќе разговараме за тоа и со двајцата, – коментираше Бироф.

Покрај Озил и Гундоган на фотографијата со Реџеп Таип Ердоган беше и напаѓачот на Евертон, Ченк Тосун.

Facebook Коментари