Галијани: Го заклучив Гатузо во собата со трофеи по поразот во Истанбул

rino-atalanta

Легендарниот спортски директор на Милан Адријано Галијани се присети на неколку моменти од неговиот престој на „Сан Сиро“ во интервју за телевизијата „Ла7“.

Тој зборуваше за тешкиот однос со Барбара Берлускони, ќерката на Силвио Берлускони, која му беше надредена, за Марко ван Бастен, кој, според него, е најдобар играч во историјата на клубот, но раскажа и една анегдота за актуелниот тренер на „росонерите“ Џенаро Гатузо што се случила по поразот од Ливерпул на пенали во финалето на Лигата на шампиони во 2005 година.

– Го заклучив во собата со трофеи. Тој не можеше да го преболи поразот во Истанбул и дури помислуваше да си замине и веќе да не го носи нашиот дрес. Тогаш и јас патев и не спиев со месеци. Му кажав на Рино: Ќе видиш дека еден ден тоа ќе се случи, ќе се одмаздиме и ќе победиме во Лигата на шампиони, можеби токму против Ливерпул – се присети Галијани.

Само две години подоцна, Милан го совлада Ливерпул во финалето на Лигата на шампиони во Атина со 2:1.

Facebook Коментари