Филип Поповски: ФФМ има стратегиски план за работа до 2026 година!

Filip-Popovski

Фудбалската федерација на Македонија зад себе ја има успешната организација на Суперкупот на УЕФА кој не само што мина без никакви организациски проблеми, туку подоцна УЕФА го оцени и како најдобро организиран досега. Во меѓувреме нашата најдобра фудбалска репрезентација освои четири бода на последните две квалификациски средби и обезбеди голем скок на ФИФА ранкингот, што е само продолжение на импресивните настапи на младинската репрезентација и нејзиниот солиден дебитантски настап на ЕП во Полска. Тоа се исклучително позитивни моменти за македонскиот фудбал и дел од заслугите заслужено одат на сметка на Фудбалската федерација на Македонија, па затоа и поразговаравме со Генералниот секретар, Филип Поповски кој ексклузивно за „Дерби“ ги сподели импресиите од последните организициски предизвици, но и успесите на македонскиот фудбал.

ДЕРБИ: УЕФА Суперкупот беше главна тема во нашата земја и Европа на почетокот на август, но и најголем организациски предизвик за ФФМ досега. Како гледате на овој настан, еден месец подоцна?
– Би било прескромно да кажам дека сум само задоволен од постигнатото. Ние, тука во Скопје, во Македонија, организиравме планетарен настан, на кој играа најдобрите тимови во светот. Огромна благодарност до нашите колеги од Федерацијата и останатите партнери кои несебично две години со сета своја професионалност докажаа дека сме способни да одговориме на сите предизвици кои се појавија пред нас. Ако кажам дека беше лесно, ќе излажам. Поминавме низ многу искуства и предизвици и успеавме да го доставиме навремено се она што се бараше и очекуваше. За сето тоа потврда е и благодарноста која ја добивме буквално од сите, а особено од челниците на УЕФА и ФИФА. Самиот настан придонесе за надградба на нашето работење, размена на искуства, нешто што е од непроценлива важност за нашиот тим и нашата држава кога станува збор за организација на мега настани.

Filip-Popovski1

ДЕРБИ: Често се случува работата на целата ФФМ во јавноста најчесто да се поврзува само со А репрезентацијата, иако како институција таа има многу други комплексни задачи и обврски поврзани со фудбалскиот напредок. Како одговарате на таквите оцени?
– Објаснувањето е едноставно, ние како тим дејствуваме по однапред определени цели кои се вклучени во Стратегискиот план на ФФМ (2016-2026). Целиот тој план и целите се формирани од страна на целото фудбалското семејство во Македонија, како и раководството на ФФМ. Можам да кажам дека мојата лична евалуација ми сугерира да сум задоволен, а за тоа говорат следните индикатори: зголемен број на фудбалери, тренери, судии, подобрување на состојбата на стадионите, учество на Европско првенство до 21 година, успех на меѓународно клубско ниво, па ако инсистирате и подобрување на резултатите на А репрезентацијата, како и останaти активности, а годината се уште не е ни завршена. Да не заборавам да споменам дека ние како социјално одговорна асоцијација дејствуваме и на други полиња, како што е соработката со здружението Мобилност, грижа за ранливи категории на граѓани, соработка со други училишта, организации на други полиња. Само да напоменам дека тренинг центарот „Петар Милошевски“ набрзо ќе стане првиот тренинг центар во Европа на кој ќе бидат инсталирани соларни фото волтаи за искористување на сончевата енерија и помалку трошење на електрична енергија како надоврзување на проектот за загревање и ладење преку постоeчките геотермални пумпи.

ДЕРБИ: Како ретко досега изминатиот период се вложуваше во развој на фудбалската инфрастуктура во земјава, во работа со млади категории, во подигнување на стручното знаење на фудбалските работници. Први резултати веќе има, но што да очекуваме на долг рок?
– Како што напоменав, се работи по однапред определени цели. Секако дека се вложува во фудбалската инфраструктура, а последен пример е вложувањето во стадионот „Младост“ во Струмица, на кој се играат квалификациски наптревари на А репрезентациите, а верувајте потребно е достигнување на високи критериуми. Тука се и 10 терени за тренинг во 10 општини, 4 стадиони како дел од „Хет-трик“ програмата на УЕФА. За жал, вложувањето во инфраструктурата единствено од страна на ФФМ не е доволно за брзи резултати! Затоа сакам да ги повикам сите да ни се придружат во подобрување на спортската инфраструктура, затоа што знаеме дека спортот е најголемиот амбасадор на една земја во светот. Паралелно се грижиме за младите категории, а тоа се отсликува преку голем број одиграни многу меѓународни натпревари, ФФМ академија во фудбал и изградба на сместувачки капацитет и грижа за најдобрите млади фудбалери во склоп на тренинг центарот на ФФМ, едукација и надградба на тренерите преку многу курсеви од реномирани предавачи. Континуирано вршиме и надградба и размена на знаења и со нашите партнери, општинските фудбалски сојузи и клубовите. Сите се добредојдени. Резултатите не доаѓаат преку ноќ, потребно е трпение и напорна работа. Не велам дека понекогаш не грешиме, но тоа што можам да го ветам е дека продолжуваме и понатаму за доброто на фудбалот и спортот во државата.

ДЕРБИ: Сето ова што го набројавте, звучи „профи“, дали ФФМ има соодветна структура за сето тоа да го реализира? Можете ли да ни ја доближите организациската поставеност, или на пример колку секој оддел има слобода и одговорност во реализацијата на задачите?
– Како и во секоја професионална организација, во ФФМ постои организациска поставеност. Истата е поделена на два сектора, сектор фудбал и сектор поддршка, па сите оддели како нивни сегменти дејствуваат по однапред определени цели, активности и работни задачи согласно стратегискиот план. Секој е добредојден да придонесе со нови идеи и размислување при решавање на одредени предизвици. Еднаш годишно вршиме заедничка ревизија на постигнатите годишни цели и преку извештај реферираме кон највисокиот орган на ФФМ, а тоа е Собранието. Се грижиме секој вработен да добие соодветна надградба преку разни едукации, јазични курсеви во земјата и надвор, а како индикатор ќе ја споменам обуката на УЕФА за спортски менаџмент која треба да се спроведе за нашите колеги на ниво на ФФМ во месец октомври.

SINGAPORE - DECEMBER 8: During the FIFA Executive Football Summit 2016 on December 8, 2016 in Singapore. (Photo by Edwin Koo-FIFA/FIFA via Getty Images)

ДЕРБИ: Што подразбираат обврските на еден генерален секретар?
– Работењето како генерален секретар го сметам за голема привилегија, но секако истото претставува и огромна одговорност. Јас сум одговорен за спроведување и извршување на сите активности на Генералниот секретаријат, поврзани и неповрзани со стратешкиот план. Имам советодавна улога при работата на Собранието, Управниот одбор како и постојаните и ад-хок комисиите и другите статутарни тела и органи на ФФМ. Исто така како обврска е и грижата за законитоста, економичноста и целокупното материјално и финансиско работење на ФФМ.

ДЕРБИ: Дали Филип Поповски приватно е навивач на некој клуб? Дали во срцето покрај фудбалот има простор и за некој друг спорт?
– Мојот омилен клуб е Манчестер Јунајтед, кој на голема среќа имав ретка можност да го гледам тука во мојот роден град и тоа на дуел против уште еден великан како Реал Мадрид. Го следам Манчестер Јунајтед уште од формирањето на Премиер лигата во Англија во деведесеттите години од минатиот век и доста емотивно ги преживувам лошите резултати, па добивам и доста интересни коментари од моите колеги кога истиот губи. Како човек кој го сака спортот, особено ги сакам и следам и ракометот и кошарката, како во клубските, така и во репрезентативните настапи.

Facebook Коментари