Филип Панчевски: Шаховските успеси на „Алкалоид“ треба да бидат инспирација

filip pancevski ep 2017

Македонскиот шахист Филип Панчевски имаше променливи резултати во текот на 2017 година, но ја заврши истата со освојување на вториот велемајсторски бал на ЕП во Грција.

Во новогодишното интервју за „Дерби“, тој апелираше за подобри услови за развој на македонскиот шах.

ДЕРБИ: Како ја оценуваш оваа резултатски турбулентна година, која сепак имаше среќна завршница?

Моја конечна цел во шахот е да ја освојам велемајсторската титула, со што би се ослободил од притисокот. Во 2015 година се вработив, па на шахот му го давам своето лимитирано слободно време. Имав добри настапи на неколку турнири во 2017, иако не успеав да триумфирам поради различни причини, но сепак целта е остварена со освојување на нормата и поради тоа годината мора да биде оценета позитивно. Дополнително, уживав во атмосферата која ја имавме во репрезентацијата за време на ЕП во Грција, бидејќи по подолго време имавме подмладен тим со играчи кои се поблиски до мојата возраст, а воедно имавме и женски тим, па сето тоа беше едно ново и позитивно искуство.

ДЕРБИ: Кои се плановите за 2018 година, дали постои друг услов освен третиот велемајстроски бал за конечно титулата да биде освоена?

Јас бев разочаран кога дознав дека нормите од големите европски натпреварувања не се важат двојно, како две норми, односно дека тоа правило е укинато неодамна, додека за Олимпијадата се уште важи. Со освојување на третиот бал јас автоматски ќе бидам рангиран како велемајстор, бидејќи следниот услов е барем еднаш да се надмине рејтингот од 2500 поени, што јас веќе го имам. На почетокот од оваа година ќе играм на турнир во Грција, подоцна на нашите турнири, а кон крајот на годината и на Олимпијадата во Грузија. Очекувам дека на еден од овие настапи ќе ја исполнам третата норма, бидејќи таа е моја ултимативна цел.

ДЕРБИ: Која е твоја желба за 2018 година, што би посакал да се оствари настрана од твоите лични цели?

Посакувам да се создадат услови да може македонските шахисти да се издржуваат од својата игра како и сите други спортисти. Ние во моментов се фалиме со отворени турнири и колку гости од странство сме привлекле, а немаме турнири за македонски играчи, ниту поединечно државно првенство со стимулативни награди, таканаречен „затворен“ турнир по Бергеров систем. На тој начин немаме ниту квалитетни мечеви, ниту мотивација кај младите да учат и да играат шах. Дури и за настапите на репрезентацијата секоја година имаме финансиски проблеми и не знаеме дали ќе настапиме, а хонорарите за играчите се намалуваат. Наспроти ова, имаме ситуација каде што ШК Алкалоид инвестира во шахот, лани бевме европски прванци, годинава на второто место. Треба да се искористат тие позитивни резултати за да се отворат школи за шах во секој град со поддршка на општините, а Македонија да добие шаховска иднина. Шаховската федерација мора да покаже грижа за македонските шахисти, доволно е да се потсетиме како беше пред 10-15 години кога јас како пионер и младинец победував на тогашните првенства и освојував стимулативни награди, а сега на децата едвај им даваат парче хартија. Јас иако имам највисок рејтинг во Македонија од 2500 поени, свесен сум дека со тој рејтинг не може професионално да се живее, за тоа мора да се има рејтинг од најмалку 2600 поени, а за тоа да се постигне еден шахист треба многу да инвестира во себе, во тренер, во патувања, што може да го направи само ако освои солидни награди на домашните натпреварувања, додека ние немаме ниту поединечно државно првенство. Да не биде само критика, постои мал чекор напред, и јас се уште сум оптимист дека ќе се смогнат сили за да се организира затворен македонски шампионат.

Facebook Коментари