Македонија
Филип Милошевски: Подготвени сме да направиме сè

Европското првенство во ракомет наближува кон својот термин, а македонските репрезентативци ги започнаа финалните подготовки во Скопје. Успехот на теренот често е рефлексија на сите моменти кои се во врска со самата репрезентација, а во интервјуто за „Дерби“ генералниот секретар Филип Милошевски нагласи дека РФМ е подготвена секогаш да направи чекор што е во интерес на македонскиот ракомет.
ДЕРБИ: Во периодов што претстои фокусот е на активностите на машката репрезентација која се подготвува за ЕП во Полска. Што се спаѓа во организациските подготовки и дали се веќе завршени?
– Како федерација секојдневно се трудиме да одржиме континуитет во развојот на секој сегмент кој ја сочинува нашата дејност и можам да кажам дека благодарение на максималната операционализација на ресурси која ја направивме уште на почетокот, успеваме во сето тоа. Нормално, периодов фокусот е ставен на машката сениорска репрезентација и Европското првенство кон кое се свртени очите на целата спортска јавност во Европа, па и пошироко. Што се однесува до организациските подготовки од наша страна, веќе сè е во финална фаза. Дефинирани се и подготвителните натпревари пред ЕП, кои на гостински терен ќе се играат со националната селекција на Словенија, додека македонскиот национален тим ќе ѝ биде домаќин на репрезентацијата на Црна Гора, на 9-ти и 10-ти јануари во Скопје. Веќе е комплетиран репрезентативниот состав за првата фаза од подготовките, со тоа што поради клупски обврски, неколку ракометари, меѓу кои и капитенот, ќе се приклучат директно во втората фаза.
ДЕРБИ: Уште од сега ја најавивме кандидатурата за организација на турнирот за пласман во Рио, дали имаме противкандидати и со какви предизвици ќе се соочиме за тој турнир?
– Организацијата на тој турнир е предизвик сам по себе. Изразивме подготвеност за организација на Олимписката квалификациска група и со тоа направивме голем чекор за македонскиот ракомет, но и за дополнителна афирмација на нашата земја на светската ракометна мапа. Свесни сме колкава е одговорноста во овој дел, но досегашното искуство со организирање неколку еминентни првенства во Македонија, како и официјалните признанија за успешноста на истите, од страна на европската и светската ракометна куќа, ни дадоа ветер во грб да се обидеме да го заслужиме и епитетот одличен организатор на престижниот сениорски турнир. Околу противкандидатите, досега се пријавени речиси сите земји кои спаѓаат во групата потенцијални организатори, така што конкуренцијата е во апсолутни размери.
ДЕРБИ: Продолжувањето на договорот со Обрван до јули 2016 година укажува дека следната евалуација ќе се прави по Олимпискиот турнир за Рио, а пред светското во Франција. Имаше ли пречки да се продолжи до февруари 2017?
– Станува збор повеќе за техничко прашање. Договорот беше продолжен врз основа на нашите квантитативни анализи за досегашните достигнувања на националниот тим. Со трите последователни пласмани на македонската репрезентација на две европски и едно светско првенство, како и статистички највисокото 9-то место на светско првенство досега, ги надминавме првично поставените норми… да не заборавиме дека Ивица Обрван на позицијата селектор дојде во еден исклучително тежок момент за националниот тим, кога пласманот на ЕП Данска 2014 реално беше под голем знак прашалник. Брзата консолидација на тимот, како и клучните стратешки потези резултираа со успех, а коректната соработка резултираше со продолжување на договорот.
ДЕРБИ: Каква е позицијата и обврските на странските играчи кои во минатото се приклучија кон националниот тим (Прибак, Вугринец) и дали има нови имиња како што се шпекулираше низ медиумите? Дали селекторот има побарано нешто ново од РФМ на овој план?
– Имаме одделни развојни стратегии за секоја од нашите национални селекции, па нормално, предмет на анализа често е и машката сениорска репрезентација. Ние секогаш сме подготвени да направиме чекор кој ќе му оди во прилог на ракометот, кој по популарност е спорт бр. 1 во земјава. Нормално, фокусот е ставен на македонските играчи, на младите генерации кои сè посилно покажуваат дека имаат доблест да ги бранат боите на Македонија. Што се однесува до селекторот, ние не си испорачуваме барања меѓу себе, туку функционираме на база на еден исклучително коректен однос, за после опсежна анализа и разменети ставови и мислења, да сумираме што навистина му е потребно на македонскиот ракомет. Немања Прибак се најде на списокот на Обрван пред ЕП и сметам дека сосема заслужено ќе продолжи да дава придонес во рамки на националниот тим. Ренато Вугринец во моментов не е со репрезентацијата, но не мора да значи дека тоа засекогаш ќе биде така.
ДЕРБИ: Добивме трофеј за Топ европски организатори, организиравме светско младинско за жени и добивме доверба за светското кадетско во 2019 кое ќе биде петто од тој калибар во Македонија. Имајќи предвид дека ЕП во 2020 ќе биде организирано во 3 земји, се гледаме ли како потенцијални коорганизатори на манифестација во сениорска конкуренција?
– Подготвени сме да направиме сè што му оди во прилог на македонскиот ракомет. Престижното признание за успешна организација на првенства кое годинава го добивме од страна на ЕХФ, а истата чест им е укажана на само уште 14 земји во Европа, како и сличното признание од ИХФ, ни даваат за право да размислуваме уште поамбициозно во тој дел. Секако, за да се прифати еден таков предизвик, неопходно е посветено да се работи на секој сегмент кој го чини македонскиот ракомет. Токму во тој контекст правиме максимални напори за заживување на овој спорт во некогашните ракометни центри низ земјава, како и за што поголема застапеност на младинските селекции на европската и светската сцена. Само по себе, тоа раздвижување ќе направи терен за дополнителни вложувања во инфраструктурата која е неопходна за развој на ракометот на сите нивоа. За трајни резултати, работиме на синхронизација на сите проекти, а изолираниот пристап како принцип на работа успеавме да го искорениме од секојдневната работа.
ДЕРБИ: Во ЛШ годинава дебитираше новиот формат, при што Металург се најде меѓу екипите со „вајлд карта“ во групите Ц и Д, кои што беа оценети како помалку квалитетни од А и Б. Дали РФМ има своја анализа колку оваа промена беше добра и дали и за следната година Македонија ќе добие „вајлд-карта“ за да има две екипи учеснички?
– Имајќи предвид дека актуелниот формат на системот на ЛШ е релативно нов, треба да почекаме сезоната да заврши, па потоа да евалуираме. Она што досега е очигледно – се „тесни“ резултати, односно крајно неизвесни натпревари. А тоа само по себе значи дека рангирањето по клубови е правилно. Сепак, не би можел да дадам генерална оцена пред крајот на сезоната. Ние правиме сè што е во наш домен и лобираме во европската куќа на ракометот секогаш кога е потребно. Едно е сигурно – ракометна Македонија заслужува да има двајца претставници во Лигата на шампионите.
ДЕРБИ: Неоспорно е дека со машките селекции во моментов има голем напредок, младинската селекција до 20 години има сериозни шанси за пласман на ЕП, светското кадетско исто така ќе биде поттик во 2019 да исфрлиме нова генерација, но чудно е како женските селекции ги одминува ваквиот тренд и покрај сите овозможени услови?
– Евидентно е дека е направено огромно придвижување во делот на младинските селекции. Не смееме да заборавиме дека овие генерации ракометари и ракометарки не беа вклучувани ниту во квалификациите претходните неколку години, па за многумина од нив учеството на европско или светско првенство е едно сосема ново искуство. Ако измериме статистички, ќе видиме дека младинските и кадетските репрезентации минатите две години биле двојно позастапени на светската и европската ракометна сцена отколку во изминатите 10 години. Проблемот што го посочувате како таков, има само едно име: недостаток на континуитет. Единствено што можам да ветам е дека ќе продолжиме да им овозможуваме беспрекорни услови за подготовки на сите селекции и сè што очекуваме од нив е само да го вложат својот максимум. Резултатите ќе дојдат, само ако се работи напорно и континуирано.
ДЕРБИ: Како РФМ гледа на иднината на СЕХА лигата? Дали сметате дека треба да има одредени промени во натпреварувачкиот систем кои би биле во прилог на зголемување на квалитетот, што е важно и за клубовите учесници?
– Околу можни промени во системот на СЕХА лигата се зборува подолго време. Генерално, фокусот на промените е насочен кон форматот на самата лига, но како и да е, ние учествуваме во креирањето политики во тој дел само во насока на дополнително истакнување на квалитетот на екипите. Секоја позитивна промена е секако добредојдена. На крај на денот, сите мора да се залагаме за јак клупски ракомет, за да имаме моќна и силна репрезентација. Ако се земе предвид дека водечките клубови во Бундес Лигата играат и до 80 натпревари во текот на една натпреварувачка година, СЕХА лигата претставува дополнителна шанса за поголем број јаки натпревари за нашите клубови, а вон тоа и можност за помладите играчи да се стекнат со натпреварувачко искуство кое ќе им биде од огромна важност во понатамошната натпреварувачка кариера. Регионалната СЕХА лига секако во голема мера го подигнува нивото на формата на екипите и воедно дава можност на повеќе играчи покрај националните да имаат одиграни мечеви и на регионално натпреварување. Значењето на СЕХА лигата би било уште поголемо доколку се успее да се издејствува во ЕХФ барем едно место во ЛШ надвор од местата кои ги имаат националните шампионати.
ДЕРБИ: Со почетокот на актуелната сезона во македонското првенство РФМ воведе новитети за интернет следење на натпреварите. Ова се одлични потези за популаризација на Супер лигата, што друго планирате да направите нешто во оваа насока?
– Од оваа натпреварувачка сезона воведовме бесплатен интернет-пренос од сите натпревари во Суперлигата во живо, што овозможи редовно следење на натпреварите од страна на пошироката јавност, а паралелно со преносите, љубителите на спортот имаат можност да погледнат и компилации со најинтересните моменти од натпреварите. Во моментов канцеларијата на РФМ активно работи на неколку проекти од кои би произлегле резултати на долг рок, а насочени пред сè на дигитализацијата и технолошкиот развој. Мора да одржуваме чекор со времето, затоа што само на тој начин ќе бидеме конкурентни на европската и светската ракометна сцена.
Александар Табаковски
-
Балканпред 19 часа
Ден за историја: Регионалните гиганти Партизан и Хајдук објавија рекордни бројки
-
Шпанијапред 6 часа
Невидена сцена од топ 5 лигите: Разголена танчарка во ВИП ложата на натпревар на кој играше Барселона (Видео)
-
Шахпред 6 часа
Шахистите на „Алкалоид“ петти во светот, сребрен медал за Недев на втората табла
-
Шпанијапред 10 часа
Контроверзен момент и многу тензија во Памплона: Осасуна израмни против Атлетико, судијата ги разбесни домаќините (Видео)
-
Шпанијапред 11 часа
„Синдромот Гати“ се префрли и во Шпанија: Играч на Алавес си даде автогол од 30 метри, противниците го тешеа (Видео)
-
Македонијапред 4 часа
Вардар обвини за опструкции: Пронајден е инвеститор кој сака да вложи 18 милиони евра, но…..
-
Италијапред 11 часа
Мурињо по најлошиот старт во неговата тренерска кариера: Ни недостасува играчот кој лани направи многу грешки
-
Шпанијапред 24 часа
Тебас смета дека Барселона заслужува да и бидат одземени бодови ако е виновна во случајот „Негреира“