ФИА ја „голтна кнедлата“ и ја усвои TCR серијата како свое светско првенство, ќе има импликации и за Иџе и Виктор!

idze-zolder

Долго очекуваното решение за продолжување на досегашното светско првенство со туринг возила (WTCC) конечно е усвоено од ФИА преку спојување со интернационалната TCR серија, а новиот шампионат ќе се вика WTCR.

Според ова досегашните учесници во WTCC можат да се префрлат во новото првенство со поинаква хомологација на возилата, но ќе треба да се почитува условот таму да се натпреваруваат само приватни тимови, а не фабрички.

Од друга страна, ФИА ќе го укине досегашниот Европски куп со туринг возила, каде што минативе две сезони настапуваше Игор Стефановски – Иџе, а досегашниот TCR Европски трофеј ќе прерасне во TCR европска серија.

– Слушнав за промените кои се направени во однос на Светското првенство, но очекувам допрецизирање на правилата во европската серија на TCR. Исто така, по неодамнешното тестирање на Хјундаи, ме очекува тестирање и со Хонда, а во меѓувреме продолжуваат преговорите со спонзорите. Веројатно комплетната слика ќе ја имаме некаде до крајот на јануари и тогаш ќе биде донесена одлуката во кое првенство ќе настапувам и со кој автомобил,- изјави Игор Стефановски за „Дерби“.

viktor davidovski honda

Виктор Давидовски претходно во интервју за нашиот портал најави дека веќе е купен автомобилот Хонда Сивик „Type R“ кој ќе биде подготвен според TCR хомологацијата, но неговата желба за учество во светското првенство сега ја оценува како нереална.

– Оваа промена носи со себе драматичен пресврт на нештата затоа што одеднаш се удвојува цената на чинење за настап во една сезона на првенството. Тоа се должи на зголемената котизација која сега ќе биде 150.000 евра, а воедно возачите кои досега возеа во WTCC ќе бидат присутни во новата WTCR серија и ќе имаат скриена поддршка од големите фабрики. Со други зборови, за мене светското првенство станува нереална опција и јас ќе се посветам на идејата за настап во европската серија каде што ќе има шест трки,- открива Виктор Давидовски.

Учеството во европската серија ќе бара 15.000 евра котизација за цела сезона, односно 4.000 евра по трка за оние кои немаат шанси да возат на сите 6 трки.

Календар на TCR Европска серија за 2018 година:

06.05.2018 – Франција, Ле Кастеле (Пол Рикард)

10.06.2018 – Белгија, Спа Франкоршамп

08.07.2018 – Унгарија, Хунгароринг

19.08.2018 – Холандија, Асен

23.09.2018 – Италија, Монца

21.10.2018 – Шпанија, Барселона

Facebook Коментари