Поврзете се со нас

Македонија

ФФМ најави брендирање и директни преноси од Женската прва фудбалска лига

Објавено

на

Фудбалската федерација на Македонија и Комисијата за женски фудбал денеска во „Куќа на фудбалот“ ја претставија идејата за брендирање и препознатливост на Прва женска фудбалска лига.

Промоцијата на женскиот фудбал е една од клучните вредности за зголемување и промоција на родовата еднаквост во спортот. Вложувањето во развојот на фудбалска женска лига не само што го истакнува талентот и посветеноста на фудбалерките, туку и испраќа моќна порака за инклузивноста и можностите во женскиот фудбал и спортот воопшто.

Со ефективно брендирање на лигата, можеме да инспирираме повеќе девојки да учествуваат во фудбалот, а преку изградба на силен бренд за елитното женско натпреварување ќе обезбедиме подобра видливост на женскиот фудбал, ќе ја подобриме свеста и ќе им помогнеме на играчите, клубовите и сите директно вклучени да се гордеат да бидат дел од такво натпреварување.

Динамичниот бренд е осмислен да ги отсликува вредностите на женскиот фудбал: ИНСПИРАЦИЈА, ЈАКНУВАЊЕ, ХРАБРОСТ, ЛИДЕРСТВО, ЕДНАКВОСТ и ГОРДОСТ.

Дизајн кој е конзистентен со брендовите на ФФМ, лесен за паметење и репродукција. Новиот бренд на Првата женска фудбалска лига ги отсликува:

НАШАТА ВИЗИЈА: Да го воспоставиме фудбалот како спорт број еден за жени и девојчиња во Македонија;

НАШАТА МИСИЈА: Да обезбедиме можности и иновации, со што секое девојче, девојка и жена ќе можат да уживаат, да се развиваат и да остваруваат резултати;

„Фудбалската федерација на Македонија во 2021 година за прв пат усвои стратегија за Женски фудбал. Првиот столб на стратегијата е Видливост и Перцепција. Низ истражувањата кои ги спроведовме подготвувајќи ја стратегијата беше утврдено дека женскиот фудбал во Македонија има потреба од поголема препознаеност и видливост и тоа во сите свои сегменти, од лиги до национални тимови.

Овој проект за брендирање на Првата женска фудбалска лига се однесува токму на зголемувањето на видливоста и препознатливоста на натпреварувањето кое од година в година се повеќе се развива. Искрено се надеваме дека овој прв чекор ќе придонесе кон поголема популаризација и развој на женските натпреварувања во иднина, изјави потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев.

Имплементација на проектот во првата фаза се состои од изработка на визуелни решенија (брендинг) за стадионите од Прва женска фудбалска лига и продукција на директни преноси (стриминг) на дерби натпревари од Прва ЖФЛ.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни