Фетел донесе прва победа за Ферари во Бразил по 2008 година, Хамилтон за малку остана без подиум

Fetel-Brazil

Себастијан Фетел триумфираше на трката за Големата награда на Бразил во Формула 1 шампионатот, намалувајќи ја негативата во однос на Луис Хамилтон кој веќе ја обезбеди титулата оваа сезона.

Возачот на Ферари ја започна трката зад Валтери Ботас, но уште на стартот го обезбеди првото место кое го задржа до крајот токму пред ривалот од Мерцедес и клупскиот колега Кими Раиконен кој го комплетираше победничкиот подиум. Новиот шампион Луис Хамилтон се обидуваше да обезбеди место во Топ 3, но на крајот мораше да се задоволи со четвртата позиција, што сепак е импресивно постигнување со оглед на она што му се случуваше во квалификациите.

Зад екипажите на Ферари и Мерцедес се најде двоецот на Ред Бул, односно Ферстапен и Рикиардо кои ги освоија петтото и шестото место.

Оваа трка имаше посебно значење за Фелипе Маса кој се прости на емотивен начин од Ф1 пред своите бразилски фанови, а го освои седмото место во својот последен настап. Интересно, токму Маса во 2008 година ја донесе последната победа за Ферари на патеката „Интерлагос“, за денеска Фетел конечно да го прекине долгиот пост.

Facebook Коментари