Фелипе по „стотката“ во дресот на Вардар: Во вечно сеќавање ќе ми остане еден натпревар

vardar-skopje

Бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе во неделата против Скопје го одигра јубилејниот 100-ти официјален меч во дресот на Вардар, јубилеј кој македонскиот шампион го одбележа со еден убав гест и на својот играч му додели дрес со бројот 100.

Нормално од оваа убава бројка и од самиот гест беше задоволен Фелипе кој преку официјалниот сајт порача:

Се чувствувам нормално. Не ги бројам натпреварите, меѓутоа ми е драго што стигнав до овој јубилеј 100 натпревари во дресот на Вардар. Посакувам барем уште минимум 100 натпревари во овој тим. Чест ми е што сум дел од клубот, а уште подраго ми е што овој јубилеј дојде во моментите кога тимот го направи најголемиот успех во историјата и игра во групната фаза од Лигата на Европа, -изјави Бразилецот.

Секогаш кога ќе излезам на терен, имам само една мисла. Да дадам се од себе да се претставам во добро издание, и на крајот да му помогнам на тимот да победи. Среќен сум кога ќе постигнам гол, уште посреќен кога Вардар ќе успее да дојде до победата на секој натпревар. Се надевам дека така ќе биде и оваа сезона. Две години по ред ја освојувам титулата, и посакувам и во третата сезона во Вардар да го потворам тој успех. Од нас се очекува на секој натпревар да победуваме и на крајот да освојуваме пехари во сите натпреварувања. Во Европа секогаш одиме да се претставиме во добро издание и да обезбедиме учество во групна фаза. Оваа сезона ни успеа со пласманот во Лигата на Европа, што за нас претставува едно огромно искуство, а посакувам во иднина ова често да се случува, зошто да не влеземе и во групната фаза од Лигата на шампионите, -додаде одличниот ас кој го посочи и мечот кој засекогаш ќе го памети.

Уште од првиот ден одлично сум примен во екипата. Повеќе од две години сум тука од овој тим, доживеав одлични моменти, но во вечно сеќавање ќе ми остане натпреварот со Фенерахче во Истанбул, кога обезбедивме пласман во групната фаза од Лигата на Европа, момент кој не се опишува со зборови. Кога стигнавме во Скопје бевме дочекани како вистински херои. Тоа доволно кажува што значи овој тим тука во Македонија и дека луѓето знаат да се радуваат на успесите. Сето тоа е за нас и дополнителен мотив да се обидеме во иднина да го повториме тој успех, дури и да го направиме уште поголем, -заврши Фелипе.

Facebook Коментари