Евгениј Поп Ацев: Распнат меѓу „ултра-маратоните“ и трките на 10 километри!

evgenij pop acev

Евгениј Поп Ацев беше еден од најистакнатите поединци во македонското пливање во текот на 2017 година, при што се најде на делба на првото место во маратонската „Гран при“ серија.

Ова е втор пат Евгениј да го добие трофејот бидејќи триумфираше и во 2015 година, но тој се надева дека во иднина ќе успее да ја заокружи својата кариера и со исполнување норма за ЛОИ во трките на 10 километри.

ДЕРБИ: Во текот на 2017 година успеа да го повториш триумфот во „Гран При“ серијата, што е мотивацијата која ќе те движи низ 2018 година?

– Се надевам дека оваа 2018 година најпрво ќе ни донесе здравје, среќа и љубов, а што се однесува на професионално поле, многу поголем фокус ќе дадам на трките што се пливаат на 10 километри. Тоа е олимписка дисциплина, а јас од неодамна сум стипендист на МОК и ќе настојувам да изборам норма за Летните олимписки игри во Токио 2020 година.

ДЕРБИ: Дали тоа значи дека воопшто нема да пливаш на маратонските трки оваа година?

– Се уште го очекувам комплетниот календар од ФИНА, за да можам да го направам деталниот план за настапи. Трките на 10 километри ќе се пливаат како „Светска серија“, додека над 10 километри ќе се викаат „ултра маратони“ и ќе се вика „Гран при серија“. Би требало да има девет трки од првата, а четири од втората конкуренција, но исто така планирам настап и на Европското првенство во Глазгов кое што е во август. Желба ми е да го повторам успехот во „Гран При“ серијата од лани, а на 10 километри да ги подобрам моите настапи и резултати, што би ми дало основа за норма во следните години, поради што ќе бидам „распнат“ со настапите во двете серии.

ДЕРБИ: Дали на агендата имаш и желби кои се надвор од светот на пливањето?

– Секако би сакал да имам повеќе време за приватниот живот. Тоа го подразбира и моментот што ќе треба да се посветам на кариерата како стоматолог, или барем да почнам да го трасирам патот кон тоа.

Facebook Коментари