Поврзете се со нас

Македонија

Еурофарм Пелистер го преслуша Вардар и го освои првиот трофеј во новата сезона

Објавено

на

Еурофарм Пелистер ја прекина доминацијата на Вардар во ракометниот Суперкуп на Македонија, откако оваа вечер оствари убедлива победа во првото дерби во новата натпреварувачка сезона.

Тимот од Битола го грабна првиот трофеј со извонредна игра во текот на сите 60 минути, нешто што дефинитивно не важи за избраниците на Веселин Вујовиќ. Вујо своето официјално деби во третата етапа во Вардар го започнува со горчлив пораз од 31:22, во кој посебно катастрофална беше играта во второто полувреме.

Тренерот на Вардар не им даде шанса на голем дел од звучните засилувања и дополнително ќе објаснува зошто го направи тоа, но повеќе од јасно е дека нема да биде задоволен од тешкиот пораз кој го претрпе неговиот тим на првиот официјален меч во новата сезона.

По три последователни трофеи во Суперкупот, вардарци го положија оружјето, пред се поради страшниот пад во вториот дел во кој постигнаа само 8 гола.

Вардар почна подобрo и во првите десет минути имаше водство од три гола, но Еурофарм Пелистер фати приклучок пред крајот на првиот дел и на пауза се замина со 14:14. Битолчани отворија извонредно во вториот дел и со серија од 5:1 направија убава предност, стигнаа и до 22:17, а потоа само го зголемуваа водството до конечни 31:22.

Секели со 12 одбрани беше фантастичен на голот на Пелистер, чуварот на мрежата постигна и еден погодок, а најдобар меѓу стрелците беше Мандалиниќ со шест гола. На спротивната страна, Тимур Дибиров го заврши мечот со седум реализации, две повеќе од Талески.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни