Поврзете се со нас

Франција

Ерера: Мислев дека знам се за Меси, но една работа посебно ме изненади!

Објавено

на

Андер Ерера говореше за ѕвезденото трио кое го има ПСЖ во новата натпреварувачка сезона во ексклузивното интервју кое го направи за „Марка“, но во своето обраќање, посебно внимание обрна на Лионел Меси од кого останал изненаден и покрај тоа што мислел дека веќе знае се за фудбалскиот мајстор од Аргентина.

Меси направи сензационален премин во ПСЖ во летниот преоден рок и дополнително го засили и онака моќниот тим на ПСЖ, кој сега може да смета на страшно и ударно трио во нападот заедно со Нејмар и Мбапе.

Шпанскиот играч за врска тврди дека бил запознаен со сите квалитети на Меси, но посебно е изненаден од начинот на кој Лео се однесувал на тренинзите по доаѓањето во Париз.

– Мислев дека знам се за него, но една од работите кои најмногу ме изненадија околу Меси е тоа што не се релаксира ниту на тренинзите. Во секој клуб, за време на тренинзите има правила. Кај нас, не треба да се подигнува топката, да се игра на едно или две додавања, не смееш да додадеш вторпат до ист играч. Првиот ден, Меси не погреши на тренингот ниту еднаш, без оглед на тоа што се соочи со нови правила. За време на популарната „шева“, сите играчи одат во средина по неколку пати, но тој не отиде ниту еднаш. Поради нешто е број еден во светот веќе 15 години наназад, – вели Ерера и додава.

– Килијан е број еден кога има простор пред себе, Нејмар е најдобар фантазист во светот, додека Меси е најдобар во се друго. Читањето на играта, пас играта, потегот кој треба да се направи во секој следен момент. Лео може да биде најдобар бек во светот, најдобар во се, освен на голманската позиција, – завршува Ерера.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни