ЕП во Полска: Миленкоски и Турција ја напаѓаат трофејната Италија за историско четвртфинале

Josko-Milenkoski-Turcija

Најистакнатиот македонски одбојкарски стручњак, Јошко Миленкоски, денеска (17:30) ќе се обиде да ја одведе Турција до историски пласман во четвртфиналето на Европското одбојкарско првенство во Полска.

Противник на Турците им е секогаш квалитетната репрезентација на Италија која зад себе има шест титули на европските првенства, а имаше две победи во групната фаза со кои го обезбеди второто место во својата група (зад Германија).

Италијанците ќе бидат фаворити, но Миленкоски и неговите амбициозни репрезентативци најавуваат жестока борба во Катовице и прва победа во меѓусебните дуели со „аѕурите“ на европските шампионати. Во групата, Турција триумфираше против Холандија и загуби во пет сета против перфектната Белгија, како и со 3:0 во последното коло од Франција, но во натпревар во кој и двете селекции тактизираа подготвувајќи се за осминафиналето.

Покрај мечот Турција-Италија, денеска во осминафиналето играат и Бугарија-Финска, Франција-Чешка и Полска-Словенија. Директен пласман во четвртфиналето обезбедија Белгија, Србија, Германија и Русија.

Facebook Коментари