ЕП шах 2017: Панчевски ја продолжи серијата, но младите не ја искористија шансата

makedonija vs skotska ep2017

Подмладената машка шаховска репрезентација на Македонија пропушти шанса за освојување драгоцени бодови во дуелот со Шкотска кој се играше во рамки на третото коло од Европското првенство.

Иако противникот имаше најслаб просечен рејтинг од сите 40 пријавени репрезентации, победата остана само сон: Филип Панчевски оствари и трета победа во низа за перфектен учинок на првата табла, а Дејан Стојановски ремизираше на втората, но со поразите на Николовски и Лазов, на крајот Шкотска славеше со 2,5:1,5. Русија е единствена репрезетација со три победи по три кола, откако денеска минимално ја совлада Чешка со 2,5:1,5, додека на делба на второто место се најдоа Хрватска и Ерменија откако денеска ремизираа, заедно со Унгарија и Холандија чиј дуел исто така заврши без победник. Утре Македонија има нова шанса за триумф бидејќи за противник ја имаме селекцијата на Фарските Острови.

Кај девојките, по вчерашната победа на Македонија над Црна Гора, денеска нашите репрезентативки ја добија за противник Италија како претставник од елитната група, а фаворитската улога ја потврдија со триумф од 3,5:0,5. Само Габриела Коскоска успеа да стигне до реми на четвртата табла против Дезире Ди Бенедето, додека Стојковска, Бејатовиќ и Николовска ги загубија своите пресметки на првите три табли. Грузија, Шпанија, Полска и Русија се четирите екипи кои се издвоија со максимални шест бода по првите три рунди, а нивните меѓусебни дуели до крајот се очекува да го дадат расплетот на врвот од табелата.

И покрај денешниот пораз, шахистките благодарение на вчерашната победа котираат на 23 место (делба од 20 до 26), што дава надеж дека може да изборат повисок пласман од просечниот рејтинг (30 од 32). Сепак, нив утре ги очекува тежок дуел со 9-рангираната Романија.

 

Facebook Коментари