ЕП шах 2017: Блескав финиш за македонските шахисти

etcc 2017

Учеството на Европското првенство во шах за машката и женската репрезентација на Македонија може да се оцени како позитивно искуство откако двете селекции освоија победи во последното 9. коло.

Мажите ја „демолираа“ Португалија со 3,5:0,5 при што на првите три табли славеа Филип Панчевски, Трајко Недев и Дејан Стојановски, а ремизираше само Никола Николовски. Со овие два бода Македонија освои вкупно 8, односно во 9 меча имаше 3 победи и две нерешени, па на крајот се најде на делба на 25 место, односно според тај-брејк правилата и припадна 28 место или пет позиции погоре од почетниот просечен рејтинг. За успехот да биде поголем, Филип Панчевски на првата табла освои шест бода во 9 кола, што му носи делба на првото место со уште тројца шахисти. Воедно, тој со ова оствари и втор велемајсторски бал, но до преземање на титулата ќе мора да направи уште еден ваков резултат.

sahovska repka 2017

На врвот на табелата Азербејџан со нерешен резултат денеска против Украина го задржа првото место, додека Русија со победа над Германија го освои среброто. Хрватска и Украина го делат третото место, но подобар „тај брејк“ за освојување на бронзениот медал има Украина.

Шахистиките во последното коло ја совладаа втората екипа на Грција со 3:1, при што победи забележаа Моника Стојковска на првата и Габриела Коскоска на последната табла, додека по половина поен додадоа Драгана Николовска и Бојана Бејатовиќ. Со идентичен скор како колегите, односно 8 бода за три победи и две нерешени, девојките се најдоа на делба на 20. место, а според „тај-брејк“ им припадна 23. позиција или седум позиции погоре од просечниот рејтинг, што е најголем успех во женска конкуренција до сега. Исто така, нашата „прва табла“ Моника Стојковска со 4,5 поени од 9 партии стигна до втор бал за преземање на титулата интернационален мајстор. Идентичен резултат има и Бојана Бејатовиќ на третата табла, додека Габриела Коскоска на четвртата успеа да извади 5 од можни 9 поени.

Русија е единствената непоразена земја и заслужено го освои првото место со 8 победи и една нерешена (против Полска). Грузија со 14 и Украина со 13 бода се носители на среброто и бронзата, додека Полска и Романија го делат четвртото место.

sahovska repka zeni 2017

Facebook Коментари