Поврзете се со нас

Германија

Елмас детално објасни како му минува еден ден во Германија и го откри својот ритуал пред секој натпревар

Објавено

на

Фото: © Stefan Rajhl

Елиф Елмас полека навршува една година откако направи трансфер од Наполи во Лајпциг, па иако се соочи со доста предизвици во изминативе 12 месеци, македонскиот репрезентативец е убеден дека е на вистинскиот пат.

Елмас мораше комплетно да ја менува рутината и да се адаптира на нова средина во Германија, а после една година по која може да се каже дека е аклиматизиран во новата средина, Елмас седна на маса и направи ексклузивно интервју за главниот спонзор на клубот, Ред Бул.

Целиот разговор меѓу Ред Бул и Елмас ви го пренесуваме во целост:

Во тотално опуштена атмосфера, во слаткарата Мандарина, седнавме со Елиф Елмас, македонскиот фудбалски дијамант кој ни сподели како изгледа еден негов ден во RB Leipzig, ни откри кое е неговото омилено благо во фамилијарната слаткарница и уште многу други интересни информации.

Не постои ниту еден во Македонија што не го знае Елиф Елмас, моментално нашиот најпознат фудбалер кој со непресушна љубов, дисциплина, мотивираност и пасија кон фудбалската игра на поприлично рана возраст, стигна до светскиот фудбал.

Но, патот дефинитивно не беше така лесен и наивен, па затоа решивме, после натпреварот со Латвија, да му поставиме неколку прашања на Елмас за неговите патешествија, ритуали и омилени активности во животот.

1. Како изгледа еден ден на Елиф?

– Се будам накај 8:30 часот, на брзина се подготвувам и тргнувам накај тренинг комплексот на RB Leipzig. До 09-09:30 часот треба да сум пристигнат, затоа што веднаш следува тимски доручек во кантината на клубот. После доручекот, сите одиме на тренингот кој закажан за во 11 часот. После завршувањето на тренинг обврските, следува масажна терапија и (по потреба) сауна за регенерација на мускулите и телото. После овие активности, се враќам дома и остатокот од денот го поминувам таму. Секој ден ми изгледа вака, без големи промени и осцилации во распоредот. Малку досадно, но ова е реалниот живот на скоро па секој професионален фудбалер.

2. Како е животот во Лајпциг, како се адаптираше на промените?

– Убав мал град, кој многу брзо и лесно се учи, но е поприлично ладен со екстремно ниски температури. Искрено, според мене, Лајпциг е совршен град за живот на една фамилија, а бидејќи моментално сам сум во овој град, понекогаш знае да ми биде досадно, ама ништо страшно, се преживува 🙂

3. Кое е твоето омилено благо во Мандарина и зошто?

– Уххх, добро прашање, затоа што не е едно, повеќе се. Најчестиот избор ми се трилече, еклер и тулумба, но листата на желби не застанува тука!

4. Мојот ритуал пред натпревар е?

– Секогаш се молам на Господ да биде сѐ како што треба, да немам повреди и она што ми било пишано да се исполни, ништо повеќе од тоа. Покрај овој ритуал, секогаш слушам музика и скролам по социјалните мрежи, гледам видеа кои ќе ме отргнат од грижата и мислите за престојниот натпревар.

5. Кои се твоите омилени активности кога не играш фудбал?

– Ги имам повеќе, како на пример прошетки во природа, качување по планини, играње тенис, одење на вечера или домашни собиранки со пријателите и уште многу други. Изборот на активноста зависи од расположението и луѓето со кои сум опкружен во тој даден момент.

6. Кој ти е омилен дел од денот и зошто?

– Дефинитивно омилен дел од денот ми е кога ќе си дојдам дома и ќе видам како мајка ми ме пречекува со топол и неверојатно вкусен оброк. Храната и јадењата на мајка ми се најубавите и најдобрите јадења на цел свет. Одговорно тврдам, кај треба ќе потпишам!

7. Која беше твојата прва реакција кога прочита дел од одговорите на прашањето од квизот: “Зошто сакаш да го запознаеш Елиф?”? Дали ќе биде тежок крајниот избор?

– Искрено, се изненадив и не очекував дека ќе прочитам толку многу интересни и креативни одговори, така што дефинитивно конечниот избор и одлуката за победничкиот одговор ќе биде тешка задача.

8. Порака до сите фанови и оние кои го читаат ова интервју?

– Пред сѐ, сакам на сите читатели/фанови да им посакам здравје, среќа, љубов и да продолжат, како до сега, безрезервно да ги подржуваат и почитуваат сите наши професионални спортисти кои секогаш се трудат да дадат 100% кога се работи за Македонија. Според мене, професионалните спортисти се најдобрите амбасадори на една држава.

Како за крај, Елиф Елмас од просториите на Мандарина ги повикува сите читатели и фанови на фудбалот да го одиграат квизот и да влезат во игра за едно интересно и несекојдневно RB Leipzig искуство во Лајпциг, секако во придружба на Елиф!

Квизот и сите информации за истиот можеш да ги најдеш на официјалната страна на Red Bull.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни