„Ел Нињо“ Торес има понуда за сензационално враќање во Премиер лигата

tores-napoli

Фернандо Торес се врати во Атлетико Мадрид каде во изминативе две сезони навистина успеа да ја поврати формата и да заигра на препознатливото ниво, но сепак во последните неколку месеци станува јасно дека во овој момент нема баш место за него во плановите на Чоло Симеоне.

Искусниот шпански напаѓач изминатово лето го продолжи договорот со „душекџиите“ на плус една година, но веќе и тоа како на значење добиваат шпекулациите дека тој ќе мора да си бара нов клуб во јануари поради тоа што добро познато е дека засилување за тимот од шпанската престолнина ќе биде и Диего Коста кој нормално е да има предност пред него.

Популарниот „Ел Нињо“ во месец март ќе наполни 34 години и малку е веројатно дека својата кариера ќе ја заврши во Атлетико, а причина за тоа е и сериозниот интерес кој го пројавил менаџерот кој всушност го доведе во Премиер лигата. Како што информира британски „Мирор“, Рафаел Бенитез веќе има подготвено понуда за Фернандо Торес со кого имаше спектакуларна соработка на „Енфилд Роуд“, но покрај предностите од минатото, шпанскиот стручњак верува дека „Ел Нињо“ може да биде голем плус за неговиот млад тим во Њукасл во вториот дел од сезоната.

Со оглед на тоа што договорот на Торес со Атлетико истекува во јуни и слабата минутажа која ја добива оваа сезона (вкупно 180 минути), најавите велат дека Чоло нема да има ништо против спогодбено разделување со напаѓачот кој сега во свои раце ја има одлуката дали ќе прифати уште една авантура во Премиер лигата по оние во Ливерпул и Челси.

Facebook Коментари