Поврзете се со нас

Лига на шампиони

ЕХФ одлучи, Сагосен ќе смени клуб пред Ф4 во Келн

Објавено

на

Норвешкиот ракометар Сандер Сагосен денеска е ударна вест во германските медиуми, откако ЕХФ се произнесе за неговиот раскин на договорот со ПСЖ.

Сагосен се здоби со светска слава откако блесна на 21 годишна возраст и на светското ракометно првенство во Франција, играно во јануари 2017 година, ја одведе својата репрезентација до финалето во кое го освоија среброто (претходно во четвртфиналето ја елиминираа Македонија во Албервил со 34:24). Истата година стана член на ПСЖ, а сега се одлучи да го напушти францускиот тим под водство на Раул Гонзалес.

Неговиот договор со францускиот тим истекува на 30 јуни, а од 1 јули тој ќе биде член на германскиот Кил. Поради поместувањето на завршниот турнир, таканаречен „Фајнал 4“ за декември, се создаде правна недоумица за играчите како Сагосен кои настапувале за еден тим во разигрувањето, а на завршницата би можеле да се појават во друг тим доколку направат сличен трансфер.

ЕХФ денеска потврди дека за турнирот во Келн ќе важи правилото дека „чив е играчот во тој момент, тој клуб ќе има право на неговите услуги“, со што се анулира важноста на припадноста на финалето кон една сезона. Со тоа европската ракометна федерација им стави до знаење на клубовите дека во иднина ќе мора да бидат повнимателни со договорите кои ги потпишуваат со играчите, бидејќи на тој начин нема да бидат заштитени при евентуални слични ситуации кога поради виша сила се поместиле датумите за крај на сезоната.

Претходно, ЕХФ одлучи да ги промовира ПСЖ, Барселона, Веспрем и Кил како учесници на Ф4 турнирот, суспендирајќи ги разигрувањата од осминафиналето и четвртфиналето во Лигата на Шампионите. Со ова, Сагосен ќе се најде во ривалски клуб на ПСЖ токму на завршниот турнир.

– Со еден клуб се бориш за една цел, а потоа со друг треба да го направиш последниот чекор. На некој начин е штета дека не можам да ја завршам сезоната со моите другари, но ова се чудни времиња. Секако сум „гладен“ за титула и ќе направам се што можам за да ја освојам,- изјави Норвежанецот за германскиот весник „Меркур“ од Минхен.

ЕХФ на елиминираните екипи од разигрувањето, вклучувајќи го и Вардар, им додели солидарна помош од 25.000 евра.

Имајќи предвид дека претходните одлуки на ЕХФ наидоа на критики кај видни претставници на ракометната фела како Веселин Вујовиќ, Иван Чупиќ, Игор Карачиќ и други, за очекување е дека и оваа одлука поврзана за Сагосен ќе биде широко коментирана.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни