ЕХФ ја префрли вината на Бундеслигата и ги потврди термините за натпреварите на Рајн-Некар и Кил

filip-rnl

Европската ракометна федерација денеска преку соопштение се изјасни за спорната ситуација во Лигата на шампионите, односно конфликтот со распоредот на Бундеслигата, поради што Кил мораше да прифати да го игра реваншот на гостински терен, а Рајн-Некар Левен првата средба против Виве Кјелце ќе ја игра со втор тим.

Проблемот настана откако Бундеслигата договорила телевизиски термин за дербито Кил-РН Левен на 24. март, а за истиот ден е планиран дуелот меѓу Кјелце и Левен во осминафиналето на ракометната Лига на шампиони.

За разлика од Кил кој прифати да се откаже од предноста домашен терен за реваншот и ќе игра неколку дена порано, Рајн-Некар не сакаше да прифати таков компромис, а ЕХФ не дозволи натпреварот да се игра ден подоцна, односно на 25. март. Репутацијата на ЛШ сигурно ќе заработи сериозен удар поради потегот на Германците, а прозивките на адреса на ЕХФ ги примораа првите луѓе на федерацијата да излезат со соопштение.

– Термините за Лигата на шампионите се одобрени од сите инволвирани и од националните федерации уште пред две години, а Бундеслигата дополнително го закажала дуелот Кил-РН Левен без наше знаење и за него дознавме од медиумите. Со оглед на тоа што три германски екипи играат во осминафиналето, тоа подразбираше компликации околу термините, а ние испративме наш предлог до клубовите за евентуално решавање на конфликтот. Кил прифати да го промени терминот на одигрување на средбата на домашен терен, додека Левен го прифати предложениот распоред, откако не дозволивме натпреварите да се играат на 25. март поради грижата за здравјето на ракометарите, но и поради критиките кои беа заработени откако РН Левен веќе одигра два натпревари во два дена во текот на сезоната, – стои во дел од опширното соопштение на ЕХФ.

Тоа е истовремено и потврда дека тимот на нашиот Филип Талески на гостувањето во Кјелце ќе игра во втор тим, затоа што клубот веќе најави дека дербито со Кил е нивни приоритет.

Facebook Коментари