Поврзете се со нас

Македонија

Џиролами повторно со најбрза Хонда на Нирбургринг, Давидовски лимитиран поради ударите на ривалите

Објавено

на

Македонскиот тим ПСС Рејсинг стигна до ново место на победничкиот подиум и солиден број поени на трката во ТЦР Европа првенството, возена на Нирбургринг.

Франко Џиролами исто како вчера стигна до второто место, додека Виктор Давидовски заработи неколку удари од ривалите и мораше да се задоволи со 13. позиција.

Џиролами повторно се истакна со своето возење и перформансите на Хонда Сивик Тајп Р, па откако се одели во првата тројка уште на стартот, подоцна го престигна  Џек Јанг и повторно се најде зад Микел Аскона, чија Купра Леон повторно се покажа како најмоќна на германската патека.

Аскона и Џиролами без проблеми си ги задржаа своите позиции до крајот, додека победничкиот подиум беше заокружен со Џек Јанг. Првично Теди Кларе го освои третото место, но по трката стјуардите проценија дека Кларе ги прекршил правилата во директниот дуел со Јанг во последниот круг, па Французинот доби казна и заврши на седмото место.

Давидовски имаше лош старт иако тргна од првиот ред, подоцна во неколку наврати успеваше да ја подобри позицијата, но во речиси секој обид да направи нешто повеќе, добиваше удар од ривалите и го губеше темпото на патеката.

На крајот, Давидовски заврши на 13. место и освои 5 поени од втората трка викендов.

Аскона ја зголеми предноста во генералниот пласман во однос на Џиролами и сега има плус 37 поени.

До крајот на ТЦР Европа првенството остануваат натпреварувачките викенди во Монца и Барселона.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни