Драма над драмите: Холанѓанките со пенал во последната секунда станаа светски шампионки

spanija-holandija

Големото мундијалско финале меѓу Холандија и Шпанија донесе неверојатни возбудувања, но на крајот и нестварна драма каква што ретко може да се види на еден завршен натпревар на Светско првенство.

Холанѓанките имаа контрола речиси цел меч, во последните 10 минути влегоа со три гола позитива, но популарните „Герерас“ се вратија во игра и влегоа во егал ситуација во последните две минути. Не само тоа, Шпанките имаа и напад за победа при резултат 29:29, но по одличната интервенција на голманката Вестер, следеше лудило за паметење.

На шест секунди пред крајот, Ернандез со скок се обиде да ја блокира холандската голманка, а откако го направи тоа, француските судии проценија дека тоа е неправилен потег кој одлучија да го казнат со црвен картон и пенал. Така, Холанѓанките добија пенал во последната секунда, а Абинг стана јунак на својата селекција со погодокот за 30:29 кој им донесе светска титула на „лалињата“.

Ваквиот расплет сигурно ќе предизвика бура од реакции во светската ракометна јавност, бидејќи спорната ситуација не беше доволно јасна и не е точно познато зошто Холандија доби пенал во дадената ситуација.

Facebook Коментари