Поврзете се со нас

Македонија

Дождот беше и сојузник и непријател на Салцбургринг

Објавено

на

Франко Џиролами и Виктор Давидовски извадија максимум од првата трка на третиот гран при викенд од првенството на ТЦР Европа, возен на австриската патека Салбургринг.

Во променливите временски услови Џироламу успеа со маестрално возење да стигне до пол позиција, додека Давидовски во вториот автомобил на Купра на екипата „Монлау моторспорт“ беше казнет од стјуардите со бришење на најдоброто време од квалификациите поради непочитување на лимитот на патеката. Хипотетички, со регуларниот резултат од првата квалификациска сесија од 1:33.927, Давидовски би стартувал како седми, но вака беше принуден во двете трки да тргне од 11 место. Со тоа, ги загуби шансите евентуален висок пласман во втората трка, кога согласно правилата се ротираат позициите на првите десетмина.

– На оваа трка Франко ја покажа класата со неговото возење и сосема заслужено освои пол позиција и победа во првата трка. На дожд успеавме да изненадиме некои од ривалите, бидејќи сепак мора да се знае дека нашиот автомобил се уште е во фаза на развој и немаме нови надградби за да можеме да се носиме со ривалите како Ауди и Хонда кои ги развиваа возилата минативе две сезони. Шестото место за мене во првата трка беше добар поттик, но во втората трка се виде дека согласно „балансот на перформанси“, подигнувањето на возилото од страна на организаторите ни прави големи проблеми. Се надевам дека таа грешка ќе ја увидат и ќе не вратат во претходната зона,- вели Давидовски.

Во втората трка во Австрија среќата не беше на страната на двајцата возачи на Монлау Моторспорт. На средина од трката имаше прекин, па во моментите додека беше возилото во бокс, механичарите на Давидовски направија промена на некои делови, но сепак тој иако учествуваше во рестартот, мораше да се откаже поради дефект на алтернаторот. Обратно од ова, Џиролами како петти го напаѓаше ривалот за титулата Орелијан Комте, но излета во финишот и му го препушти првото место во генералниот пласман.

Комте води со 206 поени, а Џиролами има 205, по што следуваат двајцата возачи на Хонда, Монтенегро и Волт (победник во втората трка) со 169 односно 164 бода. Давидовски има 85 бода и се наоѓа на 9 место во генерален пласман.

Следниот гран при викенд се вози на патеката Спа Франкоршамп во Белгија, каде што трките ќе се возат на 4 и 5 јули (петок и сабота).

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни