„Дизелашите“ на удар: Зголемената акциза трајно ќе го поскапи ова гориво за 3,54 денари

benziska crpka

Како последица на препораките на ЕУ за заштита на човековата средина и намалување на загаденоста, цената на дизел горивото во Македонија ќе се зголеми од 1 јануари за 3,54 денари доколку се усвои предложеното покачување на акцизата, при што државата од тоа ќе инкасира околу 32 милиони евра.

Министерството за финансии на Република Македонија денеска организираше јавна дебата за Предлог буџетот за 2018 година, кој согласно законската процедура потоа треба да биде усвоен од Владата и препратен до Собранието најдоцна до 15 ноември. На оваа дебата во форма на затворена сесија учествуваа поканети претставници на граѓанските асоцијации, синдикати и стопански комори.

При презентирањето, министерот Драган Тевдовски ја промовираше визијата за зголемување на акцизните давачки за дизел горивото за 3 денари по литар, а по пресметувањето на данокот на додана вредност од 18%, тоа ќе значи 3,54 денари повеќе за секој литар почнувајќи од 1 јануари 2018 година.

Во елаборацијата на предлогот понудени се аргументи дека тоа е дел од препораките на ЕУ за заштита на животната средина и намалување на загадувањето, како и дека цената на нафтата во Македонија била меѓу најниските, па дури и со ова зголемување ќе биде меѓу најефтините во регионот. Ваквата мерка ќе донесе околу 1,6 милијарди денари (26 милиони евра) во буџетот по основа на акцизата и уште 350 милиони денари (5,7 милиони евра) по основ на ДДВ.

Facebook Коментари