Поврзете се со нас

Свет

Дибиров: Скопје беше како Холивуд, сакав да ја завршам кариерата во Вардар…

Објавено

на

Тимур Дибиров остави голема трага во македонскиот ракомет или поточно во дресот на Вардар каде мина скоро една деценија.

Русинот изгради неверојатна врска со клубот, навивачите, градот, беше вистински миленик поради тоа што секогаш го даваше максимумот и беше еден од клучните играчи во успешната ера на „црвено-црните“.

Сега тој е дел од Загреб, но Тимур никогаш нема да го заборави периодот минат во македонската престолнина.

-Тоа беше интересен спој на околности, многу работи се поклопија. Имав договор со Вардар и за следната сезона. Бев на летен одмор, а потоа дојде веста дека ЕХФ го суспендира Вардар на две сезони. Разговарав со претседателот и му кажав дека планот ми е да ја завршам кариерата во Вардар, но јас сум таков, сакам да играм на највисоко ниво, секој ден да сум на тренинзи. Тогаш Загреб се јави со понуда. Секако веднаш ме повика Чупиќ со кого играв со години во Вардар. Ми ја објасни ситуацијата во Загреб. Тука е и Гојун, Муса, тоа се момци што ги познавам со години. За мене беше важно да останам блиску до моето семејство, па сè се поклопи.

-Загреб добро ме прими како клуб и како град. Убаво е овде и среќен сум што така испадна. Сакам да играм на врвно ниво, сакам да го покажам мојот квалитет и мислам дека досега сум сум успешен во тоа досега, -рече Дибиров за „Индекс“ и притоа направи споредба меѓу Скопје и Загреб.

-Сè е поинаку овде. Скопје е специфичен град, има огромна љубов кон ракометот. Секое кафуле, секое училиште, секоја бензинска пумпа… Некој насекаде ќе ве препознае. Но, во повеќето главни градови, не само во Загреб, има многу луѓе и многу различни интереси. Сите не следат спорт, не пратат ракомет. Во Загреб пред неколку години луѓето го изгубија интересот за ракометот. Затоа најважната работа што ја работиме во моментов, покрај самите резултати, е и враќањето на луѓето на трибините. Повторно владее спортска еуфорија, салата се полни. Но ракометот е број 1 во Скопје и сите живеат за Вардар и доаѓањето на натпревари, -истакна Дибиров кој говореше и за успесите, европските титули со „црвено-црните“.

-Сите спортисти велат дека првата титула е онаа што останува ваша омилена и која најмногу ја паметите. Со тоа целосно се согласувам, но токму поради овие околности ја преферирам втората титула. Тоа беше бајка. Како се одвиваше сето тоа, каков тим беше, неописливата хемија меѓу играчите, навивачите, управата на клубот… Ќе го паметам цел живот.

-Еден мој пријател го праша мојот поранешен тренер од Вардар, Раул Гонзалес како е во Скопје, а тој одговори со еден збор: „Холивуд“. И навистина беше така. Се чувствувавме како да сме фудбалски или НБА ѕвезди. Феноменална енергија, огромна љубов на целата земја кон клубот…

-Потоа стигнавме до моментот што го спомнуваш и финансиските проблеми. Но, тогаш не можевме само да ја наведнеме главата. Сакавме, така да се каже, на сите да им се оддолжиме за љубовта што ни ја покажаа. А во животот кога зборуваме за љубов, таа мора да биде взаемна. Така се чувствувавме тогаш. Кога се појавија овие проблеми, љубовта работеше за нас и се заглавивме уште повеќе за да го постигнеме тој успех. Што се однесува до платите, знаевме дека горе-долу никој нема да остане во клубот, но се посветивме само на ракометот и сакавме да ја завршиме таа приказна на најдобар можен начин, -вели Тимур за кого Скопје и Македонија ги смета за втор дом.

-И претходно кажав, сакав да ја завршам кариерата во Вардар. Тоа ќе беше одлична завршница на кариерата. Сакав да излезам пред полна сала и да ги поздравам навивачите за последен пат. Но, тоа е животот, тоа е спортот. Излезе дека дојдов во многу добар клуб, во кој многу брзо се заљубив. Како останав толку долго во Вардар? Скопје ми стана втор дом. Кога сите заминаа, јас не сакав. Се чувствував како да сум клубско дете, иако не бев. Луѓето на улица ми дадоа таква енергија, а како спортист тоа ми треба во животот. Во тоа време не размислував да заминам, но еве…-заклучи ветеранот кој во својата најдобра седумка го смести и Столе Стоилов (Штербик, Чупиќ, Душебајев, Борозан, Кокшаров, Карачиќ).

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни