Поврзете се со нас

Македонија

„Дерби“ открива: Иџе се враќа на ридски патеки!

Објавено

на

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе иднава сезона ќе се натпреварува во Европското првенство на ФИА што ќе се вози на ридски патеки.

„Дерби“ открива дека нашиот возач, кој беше двократен европски првак токму во ова натпреварување за 2014 и 2015 година, повторно фигурира на стартната листа за првата трка во Франција која е на програмата идниот викенд, на 9 и 10 април. Традиционално, сезоната на ридските трки се отвора на патеката која е лоцирана 70 километри од Монпелје, или попрецизно над Ним, на врвот Сен Пјер.

За разлика од порано, кога возеше со Мицубиши Лансер Ево IX, оваа година тој е пријавен со досегашниот автомобил кој го возеше во трките на кружни патеки, Хјундаи И30, подготвен според  хомологацијата за ТЦР. Новата класификација на ФИА, која е базирана на коефициентот на перформанси го сместува во Категорија 1, група 3, каде што се возилата со перформанс рејтинг од 80 до 119, при што автомобилот на Иџе го има минималниот коефициент од 80 рејтинг поени.

За споредба, неговиот поранешен автомобил, како што тој го имаше наречено „Мицка“, има перформанс рејтинг 127, а со таков модел ќе се натпреваруваат во Група 4 (Василије Јакшиќ од Црна Гора и Петер Амбруз од Словачка).

Во групата на Иџе според ваквиот „распоред на силите“ како фаворити се издвојуваат Французите Жофри Боен и Николас Грание, обајцата со возила кои имаат коефициент од 111, првиот со Купра Леон, а вториот со Сеат Леон Куп хомологација. Сепак, според виденото во претходните сезони, македонскиот пилот одлично се справуваше и со далеку посилни и поискусни возачи, но исто така успеваше да ги добие „на кондиција“, бидејќи учествуваше на сите трки во календарот, додека тие повеќе се сконцентрирани за својот национален шампионат, а не на европскиот.

Во пресрет на оваа сезона Стефановски ги имаше огласено двата автомобила со кои претходно настапуваше (Сеат Леон и Хјундаи И30), но веројатно под влијание на околностите во светот со пандемијата, а потоа и со воениот конфликт, не успеал да ги продаде, па се решил на овој чекор. Стефановски не беше достапен за коментар, но се очекува наскоро официјално да ги обелодени своите активности бидејќи трката во Франција е овој викенд.

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни